Револверот „колт“ со калибар 45, користен на сетот на филмот „’Рѓа“, не бил темелно проверен пред да му го дадат на актерот Алек Болдвин, кој испукал оловен куршум во фаталната несреќа минатата недела во Ново Мексико, според официјални лица и нов судски поднесок.

Нови детали за инцидентот се појавија во средата за време на прес-конференција на шерифот на округот Санта Фе, Адан Мендоза, и окружната обвинителка Мери Кармак-Алтвис, како и во новиот поднесок од одделот на шерифот.

Мендоза им рече на новинарите дека на сетот постоел „самозадоволен став во однос на безбедноста“ пред пукањето минатиот четврток во кое беше убиена снимателката Халина Хачинс за време на пробата.

Хана Гутерез, член на персоналот задолжена за оружје, им кажала на истражителите дека го проверила пиштолот и во него немало т.н. „жешки куршуми“, односно жива муниција пред пукањето.

Дејв Холс, асистент на режија, им рекол на истражителите дека требало да го провери оружјето пред да му го даде на Болдвин, но дека тој не го сторил тоа.

Мендоза и Кармак-Алтвис рекоа дека иако не се поднесени кривични пријави, тие не ја исклучуваат таа можност.

„Сите опции се на маса… Никој не е исклучен во овој момент“, рече обвнителката.