Пит и Ди Каприо посакуваат уште една нова соработка

234

Најновиот филм на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“ премиерно е прикажан на Канскиот филмски фестивал. Леонардо ди Каприо, Бред Пит и Маргот Роби прошетаа по црвениот килим и ги засенија преостанатите ѕвезди.

Филмот е прикажан во рамките на натпреварувачката програма на Канскиот фестивал, точно 25 години по премиерата на „Евтини приказни“ на Тарантино. Овој филм, во кој главните улоги ги толкуваа Џон Траволта и Ума Турман, постигна огромен светски успех.

Инаку, ова беше прва соработка на големиот екран на холивудските ѕвезди Бред Пит и Леонардо ди Каприо. Тие во Кан изјавија дека со задоволство работеле заедно и дека се надеваат дека и во иднина ќе имаат таква можност.

-Ѝ припаѓаме на иста генерација и во исто време ја почнавме кариерата. Беше многу лесно да се соработува со Бред. Се надевам дека склопивме многу блиски филмски врски – им рече на новинарите Ди Каприо.
Бред Пит на истата прес-конференција потврди дека тие одлично и лесно соработувале.

– Беше забавно. Се надевам дека ќе го повториме тоа – изјави Пит.
Филмот „Беше еднаш во Холивуд“ е главен фаворит за престижната „златна палма“. Со оглед на тоа дека светската дистрибуција почнува летоска, Тарантино ја замоли публиката на Канскиот фестивал да не ги открива деталите, за да не им го расипат впечатокот на оние што филмот ќе го погледнат подоцна.

Тарантино во најновото филмско остварување ги собра најдобрите глумци на својата генерација. Освен Леонардо ди Каприо, Бред Пит и Маргот Роби, во филмот се појавуваат и други славни холивудски актери како што се оскаровецот Ал Пачино, потоа Брус Дерн, Тим Рот, Курт Расел, Дакота Фенинг и многу други. Ова е воедно и последна филмска улога на неодамна починатиот глумец Лук Пери.