Питер Фонда ќе го паметиме по култниот филм „Голи во седло“

63

Глумецот Питер Фонда, кој стекна светска слава играјќи во култниот филм „Голи во седло“ (Easy Rider), почина на 16 август во Лос Анџелес. Тој беше син на холивудската легенда Хенри Фонда и брат на актерката Џејн Фонда.

Сепак, тој самостојно ја градел својата кариера, а токму за улогата во „Голи во седло“ во 1969 година беше и номиниран за најпрестижната филмска награда „оскар“, како косценарист. Наградата не ја освоил, но подоцна бил номиниран за златната статуетка и за улогата на виетнамски ветеран и пчелар во филмот „Златото на Ули“.
Иако не успеа да го достигне статусот на својот татко, ниту на постарата сестра, успехот што го оствари филмот „Голи во седло“, снимен точно пред 50 години, на Питер Фонда му обезбеди посебно место во популарната култура.

Фонда во пишувањето на сценариото соработувал со Денис Хупер, со кого ја напишал приказната за двајца моторџии што патувале низ југозападна Америка, од Њу Орлеанс до Марди Грас – експериментирајќи со предизвиците на тоа хипи-време: марихуаната, дрогата и сексот.

Патем, станале пријатели со младиот адвокат-алкохоличар, кого во филмот го игра уште една филмска ѕвезда, Џек Николсон.
На нивното патување или, поточно, скитање, како и на сфаќањето на слободата, на пат ќе им застанат група непријателски расположени конзервативци. Приказната за двете момчиња завршува трагично, со нивната смрт.

– Филмот „Голи во седло“ го отсликува подемот на хипи-културата, го осудува системот и ја слави слободата – напиша на социјалната мрежа Твитер глумицата Илеана Даглас, простувајќи се од Питер Фонда.