Писмата на Мата Хари на аукција

120

Низа љубовни писма на познатата шпионка од Првата светска војна, Мата Хари, се понудени на аукција во Лос Анџелес. Таа по апсењето беше осудена и погубена под обвинение дека е двојна агентка, иако голем број историчари сега веруваат дека била жртвено јагне на Франција, која сакала да ја префрли вината врз неа за своите воени пропусти.

Мата Хари е родена како Маргарета Гертруда Зеле на 7 август 1876 година во Холандија. Стекнала популарност како циркуска акробатка и егзотична танчарка на преминот од 19 до 20 век. Кога почнала Првата светска војна Французите ја регрутирале да ги шпионира Германците за нив. Во декември 1916 година добила дозвола од Второто француско биро при Министерството за војна да им го открие идентитетот на шестмина белгиски агенти. Петмина се обвинети за набавување лажен материјал и колаборација со Германците. Шестиот е обвинет за двојна шпионажа и е убиен, а другите продолжиле со работа. Тоа ги навело Французите да поверуваат оти Мата Хари го издала нивниот идентитет и на Германците. Уапсена е на 13 февруари 1917 г. во Париз. Изведена е на суд на 24 јули под обвинение дека шпионирала за Германија и предизвикала смрт на најмалку 50.000 војници. Прогласена е за виновна и стрелана на 15 октомври во Вансен, Франција.

На аукцијата на куќата „Нејт Д. Сендерс“ понудени се 10 писма што Мата Хари му ги пратила на својот љубовник, тогаш непознатиот уметник Пит ван дер Хем. Неговиот портрет на познатата шпионка денес се наоѓа во музејот „Фризија“ во Ловарден. Повеќето од писмата немаат датум, но најверојатно се пишувани меѓу 1914 и 1915 г., додека Французите сѐ уште не ја ангажирале како шпион. Хари пишувала на хартија од хотелот „Викторија“ во Амстердам, каде што престојувала на почетокот на војната, кога од Берлин избегала во неутралната Холандија.

Пишувала оти се вработила како танчарка, како Холанѓаните реагирале на нејзиниот танц, за „новинарите свињи“ што ја критикувале. Го споменала и Вил ван дер Шалк, богат банкар што го плаќал нејзиниот престој во хотелот. Од Хем барала да ѝ наслика портрет и да ѝ ги дизајнира костимите.
Писмата се понудени со почетна цена од 12.000 долари.