Петти пат велосипедски предизвик под Солунска Глава

63

Главната цел на „Азот 2018 МТБ-предизвик“ е да го стимулира развојот на туризмот врз основа на природното и културното наследство

Фестивалот на отворено „Азот 2019 мтб предизвик“ викендов петти пат ќе ги обедини велосипедистите, планинарите, љубителите на природата, кампувањето, уживањето под отворено небо. Азот е средишниот дел на Македонија, сместен во долината и по горниот и по средниот тек на реката Бабуна. Наедно и еден од најчистите предели, па можеби оттука и поттикот во последно време темелно да се искусат неговите благодати. Велосипедските тури стануваат неразделен дел од оваа област. Патеките се возат низ еден од најубавите предели во Македонија, низ шумските ходници на Јакупица. Во најголем дел од патеката се вози низ шумски предел со преубави погледи кон врвот Солунска Глава, низ пет мали или поголеми водопади, каде што природата ја покажува својата имагинација. Чистиот воздух го има во прекумерни количества.

Настанот е во организација на велосипедско здружение „Велес бајкинг“ и општината Чашка. Селото Богомила е централно место на збиднувањата.
Целокупниот настан ќе се одржува два дена со голем број настани за сите учесници.
– Првиот ден, сабота, е предвиден за прошетка до селото Бистрица со посета на етно-музеј, и локалниот манастир, натпревар во велосипедски техники за најмладите велосипедисти-учесници и многу други активности. Вториот ден, односно неделата, е предвиден за возење велосипед низ преубавите пејзажи на регионот Азот. Во поглед на патеките, предвидени се три патеки, кои во целост ќе ги задоволи апетитите на учесниците на предизвикот. И тоа голема патека од 53,5 километри со висинска разлика од 1.805 метри надморска височина, која е вистинскиот предизвик за сите, средна патека од 34,5 километри со 1.011 метри висинска разлика, и мала патека 16,9 километри со 442 метри надморска височина – ни сподели Зоран Јаневски, претседател на „Велес бајкинг“.

Патеката поминува низ неколку села од областа Азот и тоа селото Богомила, селата Црешнево, Капиново, Нежилово, Папрадиште, планинарскиот дом „Чеплес“, како и природни знаменитости: течението на реката Бабуна низ селата Нежилово и Богомила, течението на Чеплеска Река, која се влева во Бабуна во селото Нежилово, во близината на изворите на реката Бабуна и нуди поглед кон врвот Солунска Глава (2.451 м н.в.). Највисоката висинска точка на која поминуваат велосипедистите е 1.435 м н.в. Средната и малата патека се вклопени во големата.

– Освен велосипедизам, оваа година е предвидено и планинарење во должина од 16,5 километри со извонредни живописни предели. Настанот е секоја година сѐ помасовен и истовремено е најголемиот туристички промотор на целиот регион. Изминати четири години досега како директни учесници присуствувале над 1.200 велосипедисти од земјава и од многу други држави. Како и над 1.000 посетители што уживаат во другите активности и звуци на фестивалот – додава Зоран.

Сите активности се со старт и цел во селото Богомила, односно школскиот двор на училиштето „Петар Поп Арсов“. Главната цел е да се стимулира развојот на туризмот врз основа на природното и културното наследство