Петтиот роденден на „Театар без дискриминација“ – празник на различноста

284
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со големата поддршка што ја добиваме знаеме дека сме на вистинскиот пат на хуманоста. А јас се додека можам ќе го организирам овој фестивал, моето „трето“ дете – рече директорката на ефстивалот Гордана Симоновска Момировска

Вратите на МНТ од 26 до 29 ноември беа отворени за талентирани актери од целиот регион, кои без оглед на својата попреченост, физичка или ментална, беа дел од петтото јубилејно издание на единствениот фестивал од ваков вид на Балканот, „Игри без маска – театар без дикриминација“. Тие покажаа дека за креативноста и за хуманоста не треба да постојат пречки во ниедно општество и оти со многу труд и посветеност тие навистина се прескокнуваат.

Организаторот на фе­сти­ва­лот, здру­же­ни­е­то „Раз­лич­ни, а ед­на­кви“, по­ве­ќе од 12 години го пот­тик­ну­ва пра­во­то на ли­ца­та со хен­ди­кеп да би­дат вклу­че­ни во општеството.

Гордана Симоновска Момировска, иницијатор и главен виновник што „Игри без маска“ континуирано не опоменува и поттикнува да подадеме рака и да им дадеме шанса на сите да се изразат и да покажат што се знаат и умеат, вчера на свеченото доделување на наградите во салонот на МНТ ги поздрави присутните и сите кои беа дел од овој уникатен фестивал.

– Петто издание, пет години дружба на овие даски, ралични а еднакви играме без маски, пред најдобрата публика, која им се радува на сите наши успеси. Да се одржат, изгледаат и оценат 15 претстави за две деца, пред полна сала не е шега. Но со се големата поддршка што ја дибиваме знаеме дека сме на вистинскиот пат на хуманоста. А јас се додека можам ќе го организирам овој фестивал, моето „трето“ дете – рече емотивно Гордана Симоновска Момировска.

Таа е автор и на текстот на фестивалската химна „Љу­бо­вта ја ши­ри­ме“, по­све­те­на на пе­тго­диш­но­то ме­ѓу­на­род­но фе­сти­вал­ско дру­же­ње во Скоп­је, што ху­ма­ни­тар­но ја испејаа и ја под­др­жаа на­ши актер­ски и му­зич­ки ѕвез­ди: Та­ња Ко­чов­ска, Де­јан Ли­лиќ, Сне­жа­на К. Ру­си, Бе­ни Ша­ки­ри, Да­рио Пан­ков­ски, Ри­сто Са­мар­џи­ев, Зо­ран Џор­лев, Бла­го­ја Гру­ев­ски, Адри­ја­на Алач­ки, Ог­нен Здра­вков­ски, Игор Ми­тков­ски, Бо­би Спасенцов­ски, ка­ко и во­ди­тел­ки­те Ире­на Спи­ров­ска и Тат­ја­на Сто­ја­нов­ска, чиј видео запис беше промовиран вчера.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Пет години дружба на овие даски, различни а еднакви играме без маски. /Тука од сцената магија што зрачи, гласот го креваме за тоа што ни значи./Јас сум твоите очи, ти си моја душа, тој со своите раце и говори и слуша./ Ајде рака подади и ти крени глас, животот во инкузија е нашиот спас“ , одекнуваше хуманата порака во салонот на МНТ.

За крајот на фестивалското издание беше изведен перформансот „Ма­ла­та прин­це­за и при­ја­те­ли­те“, а приказната ни ја раскажаа мулти талентираната Марија Јанческа и актерот Борче Нечев, заедно со Татјана, Ирена, Бранко Бенинов и Снешка, потсетувајќи не на универзалните пораки од книгата „Малиот принц“ на Антоан сент Егзипери, меѓу кои секако и онаа дека „само со срцето добро се гледа и оти најважното е невидливо за очите“.

Со фрагменти од претставите учествуваа и сите театарски групи кои беа дел од годинашното издание на фестивалот од: Со­фи­ја, Туз­ла, При­зрен, Ја­го­ди­на, Бел­град, Са­ра­е­во, Скоп­је, Охрид, Би­то­ла, Стру­ми­ца и од Но­во Се­ло.

Петтиот роденден на фестивалот му го честиташе и премиерот Зоран Заев, негов голем пријател и поддржувач од самите негови почетоци.

Од член на групата „Трисомија 21“ на лица со Даунов синдром тој доби подарок.

Поддршка на фестивалот му дадоа и учениците од сите специјални училишта во земјава со свои музички и актерски точки.

И навистина љубов се ширеше вчера од сцената на МНТ, а сите учесници се чувствуваа горди дека покажаа и докажаа оти навистина сите сме различни, но имаме исти желби и мечти, исто му се радуваме на секој нов ден и имаме иста надеж за подобро утре.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наградени претстави и поединци

Сите учесници добија благодарници за учество на петтото јубилејно издание на фестивалот. Наградите ги прогласи претседателот на меѓународното жири Дејан Лилиќ.

– Имавме прекрасни претстави и тежок беше иборот. Јас сум воодушевен што квалитетот на преставите и глумата на актерите е се подобра. Горди сме и се надеваме дека овој фестивал ќе прерасне во една манифестација што ќе биде задоволство да се гледа и ќе трае подолго од три дена. Да посакаме овој фестивал да живее многу долго – рече Лилиќ.

Претставата „Прикажан свет“ на училиштето „Д-р Дечо Денев“ од Софија, Бугарија, е добитник на „гран при“ на петтиот фестивалот „Игри без маска – театар без дикриминација“. Лауреати се лица со проблеми со говор и слух, кои приредија врвна 40-минутна пантомимска игра. Специјалниот гостин беше Велислав Велчев, кој иако без долни екстремитети се занимава со танц. Тој и лани беше гостин на фестивалот.

Награда за сценски говор ја доби преставата „Помогнете му на докторот“ на центарот за деца со различна попреченост „Чекори на надежта“ од Тузла, БиХ.

Награда за сценски израз отиде кај учесниците на претставата „После дождот“, што ја изведоа штитениците на Заводот за грижа и рехабилитација од Бања Банско, Струмица, заедно со членови на балетското студио „Реверанс“.

Награда за колетивна игра им припадна на членовите на здружението „Трисомија 21“ кои ја изведоа претставата „Шумска бајка“, а за своите специјални ефекти награда доби претставата „Поинаку будни“, на учесници со оштетен слух и говор „11 мај“ од Јагодина Србија.

Најдобра машка улога оствари Дубравко Филипи во претставата „Свет“ од Бранислав Нушиќ, во изведба на Здружението за лица со пречки во развојот „Живееме заедно“ од Стари град, Белград, Србија. За најдобра женска улога беше наградена Јована Станоевиќ, која глумеше во претставата „Поинаку будни“, во изведба на ученици со оштетен слух од Јагодина, Србија.

Награда и беше доделена и на познатата македонска глумица Снежана Конеска Руси, уметнички директор на фестивалот, која годинава одбележува 45-годишна успешна кариера.

На крајот директорката на МНТ, Симона Угриновска, доби слика од Роза Мојсовска, која сите три дена ги сликаше своите слики со уста на театарската бина. Таа упати јавна благодарност за поддршката, неопходна за лицата со посебни потреби.