Петар, Гиш и Харе од „Банкрот блуз-бенд“ заедно по 20 години

159

„Блуз и соул фестивал 2020“

По цели 20 години, култната македонска група „Банкрот блуз-бенд“ повторно ќе застане на концертен подиум. Средбата за паметење ќе се случи утревечер, во „Куршумли-ан“ во Старата скопска чаршија, со почеток во 21 часот, во рамките на годинашното издание на скопскиот „Блуз и соул фестивал“. За големиот интерес за концертот говори и фактот што влезници нема уште од пред една недела.
На сцената повторно ќе бидат заедно Петар Ренџов, Сашо Гигов-Гиш и Игор Атанасовски-Харе, а ќе им се придружат и Елена Ставреска – вокал, Венко Серафимов – гитара, Никола Петровски-Џими – гитара, Сашо Георгиевски – харп, Гоце Стевковски – тапани, Мите Димовски – тапани, Дарко Мучев – бас, Сенад Усеин – труба, Кирил Кузмановски – саксофон, Сашко Николовски – тромбон.
– На концертот ќе бидат изведени блуз-класици на Бо Дидли, Ерик Клептон, Џон Мајал, Лу Доналдсон, Роберт Џонсон… Со нашиот гостин Венко Серафимов ќе изведеме блуз на македонски јазик. Наша желба е печатот на „Банкрот блуз-бенд“, како урбана супкултура во периодот од 1989 до 1995 година, да го презентираме пред публиката, а овој настан да го забележиме и на дивиди-издание – вели Петар Ренџов, некогашен член на групата.

Тој дополни дека утревечер искри ќе летаат од неговата и од гитарата на Игор Атанасоски-Харе и од вокалот на поетот, мултиартист и уметник Сашо Гигов-Гиш.
– Повелете, дојдете и бидете среќни со нас. Не затоа што сѐ наоколу е убаво,
туку затоа што можете убавината да ја пронајдете во искрениот блуз – порачуваат членовите на „Банкрот блуз-бенд“.
Оваа вечер всушност годинава ќе биде единствена од годинашното издание на „Блуз и соул фестивал“, а повеќето концерти се одложени за следната година.
– Во услови што светот не ги памети, скопскиот блуз-фестивал, со најдолга традиција во некогашна Југославија опстојува веќе25 години, секогаш со нова, атрактивна содржина. Во изминативе години на различни сцени во Скопје продефилираа некои од најеминентните имиња на светската блуз и соул-сцена, со што градот се профилира како значајно место на мапата на ексклузивни настани од областа на музиката.

Неколку извонредни настани, веќе договорени, се одложени за наредната година, но и годишното издание, оригинално во својата концепција, ќе понуди настан што љубителите на блузот во Македонија со години го очекуваа, реобединувањето на „Банкрот блуз-бенд“ – велат организаторите.
Тие се надеваат дека влијанието на овој фестивал на домашните музичари ќе биде силно и во иднина.