Песни што го намалуваат стресот и до 65 отсто

269

Како да се ослободите од стресот и напнатоста во овие тешки денови? Едно од решенијата е слушање музика, но не каква било. Неодамнешно истражување докажува дека една песна може да ја намали мачнината дури за 65 отсто. Компанијата за невромаркетинг „Мајндлаб интернешнел“ состави листа од 10 песни со кои ќе исчезнат стресот, напнатоста и чувството не мачнина, а ќе ве исполни чувство на опуштеност, задоволство и среќа. Учесниците во истражувањето требало да состават тешка сложувалка, а притоа да слушаат музика. Користејќи ги податоците забележани во сензорот, научниците ги мереле промените на ритамот на срцето, крвниот притисок и на дишењето на испитаниците.

Една песна особено се истакнала по својот релаксирачки ефект. Тоа е „Weightless“ на музичкото трио „Маркони унион“. Токму таа го намалила стресот дури за 65 отсто. Влијаела толку релаксирачки, што некои од испитаниците додека ја слушале почувствувале сонливост, па затоа научниците не ја препорачуваат за слушање во текот на возење. Врз основа на резултатите на студијата, составена е листа од 10 песни што најмногу опуштаат: „Weightless“ на „Маркони унион“, „Electra“ на „Ерстрим“, „Mellomaniac (Chill Out Mix)“ на Диџеј Шах, „Watermark“ на Ења, „Strawberry Swing“ на „Колдплеј“, „Please Don’t Go“ на „Барселона“, „Pure Shores“ на „Ол сеинтс“, „Someone Like You“ на Адел, „Canzonetta Sull’aria“ од Моцарт и „We Can Fly“ на „Рие ду Солеј“.