Патот на „Спејс екс“ до успехот беше поплочен и со сомнежите на Маск

602

Автор: Дејв Мошер

Бизнис инсајдер

Во изминатиот викенд, „Спејс екс“ го постигна својот најважен потфат до денес откако Илон Маск ја основаше компанијата во 2002 година, а тоа беше лансирањето во вселената на двајца астронаути на НАСА, Боб Бенкен и Даг Харли. Сепак, Маск додаде дека имал сомнежи дали ова ќе се оствари еден ден и дека не бил сигурен дали неговата компанија ќе успее да лансира ракета во орбитата.

– И јас се сомневав во нас – кажа извршниот директор на „Спејс екс“.

Маск ја формираше „Спејс екс“ со намера дека еден ден ќе може да формира колонија на Марс. Тој се надеваше дека таков подвиг ќе ја инспирира јавноста да го поддржи истражувањето на Црвената планета и воедно да ѝ се зголеми буџетот на НАСА, кој е потребен за поголем ангажман од нејзина страна.

Прво, новата компанија за вселенски истражувања мораше да покаже дека може да изгради доволно моќен лансирач за да испрати мал товар во орбитата. Првите три обиди беа неуспешни. Маск го инвестираше остатокот од неговите 165 милиони долари од богатството заработено од продажбата на „Пејпал“ во четвртото и за среќа успешно лансирање на ракетата „фалкон 1“.

Поради ова достигнување, „Спејс екс“ склучи договор со НАСА за да лансира товар до вселенската станица со помош на летало наречено „карго драгон“ или само „драгон 1“. Како поддршка на овие лансирања, компанијата ја разви ракетата „фалкон 9“ која првпат беше тестирана во јуни 2010 година. Првиот лет на „карго драгон“ следеше во декември истата година и пренесе една пита сирење.

Лансирањето и последователните официјални мисии за снабдување со товар му го отворија патот на „Спејс екс“ во 2012 година да го добие договорот на НАСА за програмата за комерцијални летови за да ја развие ракетата „драгон“ со капацитет за човечки екипаж, поточно ракетата која сега ги лансираше Бенкен и Харли во ниската орбита на Земјата. („Спејс екс“ исто така го усоврши слетувањето и повторната употреба на дополнителните генератори за прва фаза на „фалкон 9“ до декември 2015 година, технологија која на компанијата ѝ спаси можеби 26 милиони долари по лансирање).

За време на брифингот по лансирањето, го прашавме Маск дали има порака за оние кои се сомневаа во него и во компанијата.

– Да бидам целосно искрен, и јас се сомневав во нас. Мислев дека имаме околу 10 отсто шанси да стигнеме до орбитата, кога „Спејс екс“ почна со работа. Така што за оние кои се сомневаа во нас би рекол дека биле во право. Потребни ни беа четири обиди само за да стигнеме до орбитата со „фалкон 1“. Луѓето дури и се шегуваа со мене како сум успеал да заработам мало богатство во вселенската индустрија, на што одговарав дека прво мора да се вложи многу – порача Маск за „Бизнис инсајдер“.

Маск изјави дека „Спејс екс“ едвај „успеал со финансиите“ за успешното лансирање на „фалкон 1“, затоа што четвртиот обид ќе ја банкротирал компанијата.

– Сите пари што ги имавме ги вложивме во четвртиот обид за лансирање и дури тоа не беше доволно за да се спаси компанијата. Исто така, моравме да го добиеме договорот на НАСА за снабдување со товар. Овие се двете клучни нешта што го спасија „Спејс екс“, зошто во спротивно ќе пропадневме. Така, сите скептици веројатно беа во право. За среќа, судбината ни се насмевна и го постигнавме овој огромен успех денес – посочи Маск.

Тој смета дека лансирањето, иако е возбудливо, е пресвртница за која било потребно повеќе време за да го трасира патот кон повторно слетување на Месечината и потрага по други планети за живот.

Превод: Билјана Здравковска