Парче нова модна визија од Небојша Толески

87

Со новата колекција „Зрно“, дизајнерот и моден новинар Небојша Толески деновиве го отвори своето ателје „Толески“. По подолга пауза, тој се враќа на модната сцена со луксузна колекција во која доминантно место има рачниот вез. Колекцијата вели дека е инспирирана од мало зрно кристал што го нашол на патување во Италија. Неговата прозрачност и прекршување на светлината го поттикнале Толески да создаде низа од зрна кристали и да ги вметне во уникатни рачни везови. Според него, тие рефлектираат светлина што кај секого посебно уникатно светка и преку облеката ги прави дамите дополнително автентични.

Во неговата колекција се забележуваат смирени кроеви, строгите линии и комфорноста на парчињата, кои толку вешто се усогласени што можат да се носат и за вечерни излегувања и за свечености. Спојот на урбаното, етното и на етномотивите е постигнат со суптилни пругасти дезени во одредени делови, дополнети со безброј кристали во различни форми. Забележливо е присуството на памукот, свилата, свилениот сатен и жоржетот. Неговата нова колекција е екстравагантна и на моменти смирена, но многу разиграна, славејќи го питомиот гламур.

– Колекцијата е наменета за дами со екстравагантен поглед и визија за убавото. Годините не се битни. Впрочем и мотото на ателје „Толески“ е токму тоа – парче нова модна визија – вели Небојша.
Во своето ателје ќе изработува претежно уникатна облека, но и облека со посуптилен и поедноставен израз. Во скора иднина најавува многу модни проекти.