Парискиот музички феномен „Офенбах“ за почеток на „Д фестивал“

74

Годинашниот „Д фестивал“ ќе се одржи во Дојран, од 12 до 14 јули, а веќе во целиот регион владее огромна заинтересираност за овој музички настан. Причина за тоа е и првиот бран на изведувачи, актуелни музички имиња од сите страни на светот, повеќето со премиерни настапи во Македонија. На таа листа, покрај веќе најавениот настап на холандската музичка сензација и трикратен сопственик на наградите „битпорт мјузик“, групата „Ноизиа“, своите настапи на главната бина ги потврдија уште и најпопуларните нови ѕвезди на француската електронска сцена „Офенбах“, „Напалм дет“, во моментов најбаран изведувач во регионот, сплитскиот рапер Војко В и гордоста на македонскиот андерграунд хипхоп Страјк.

За големото отворање на „Д фестивал“, главната бина е резервирана за парискиот музички феномен „Офенбах“, актуелни ѕвезди на денспоп-сцената. Македонската публика ќе ги слушне првпат во живо нивните хитови: „Be Mine“, „Katchi“ и „Paradise“, кои се необичен спој на чил-електро и инструментални делници извлечени од нивната љубов за рокенрол и блуз-музиката. Тандемот го сочинуваат Дориан Ло и Сезар де Румел, а може да се пофали со повеќе од 250 милиони прегледувања на Јутјуб и мултиплатинести синглови.

Истата вечер, на главната бина ќе настапи Војко В (познат и како Војко Вруќина), сплитски рапер и продуцент познат по својата работа во бендовите „Дјечаци“ и „Киша метака“. Во 2018 г. тој одлучи да заплови во соло-водите и оствари рекорден успех, веднаш распродавајќи го настапот во Домот на спортовите, во рамките на промоцијата на деби-албумот „Војко“. Неговиот прв сингл „Зови човика“ е прегледан три милиони пати на Јутјуб. Тој за помалку од една година стана еден од најраспродаваните артисти во регионот, а негови најпознати теми се: „Паста италијана“, „Не може“, „Како то“. Годинава е номиниран дури за шест награди „порин“, меѓу кои и за албум и песна на годината.

Од подземјето на македонскиот хипхоп, на главната бина на „Д фестивал“ пристигнува Страјк, изведувачот што ја почнува кариерата во 1997 г. како еден од основачите на „Легијата“ и еден од првите артисти што соработуваа со „Шурикен рекордс“, каде што се појавува на првото издание, „SK Street Beatz“. Во 2001 г., заедно со Блажеј, ја формираат групата „СТР2“, насловена по графитите на Страјк и го објавуваат албумот „Не заборавај“. Потоа ги остварува и првите настапи како диџеј, а следува и активната соработка со диџеј Гоце (С.А.Ф.), со кого соработува и на своите два солистички албума, „Кутија“ и „Земен рај“. Иако веќе со години ужива култен статус меѓу познавачите на македонскиот андерграунд хипхоп, својот прв самостоен и веднаш распродаден концерт го одржа дури лани во декември, во рамките на фестивалот „Таксират“.

Последната вечер, на 14 јули, доаѓа „Напалм дет“, кој имаат речиси четириесетгодишна кариера. Нивното долготрајно влијание во светот на соничното дивјаштво започна во 1980-тите, кога првите два албума на бендот, „Scum“ и „From Enslavement to Obliteration“, го подобрија и редефинираа значењето на бруталноста и брзината во светот на панкот, хардкорот и металот.