Парализиран глушец проодел благодарение на нова терапија

305

Повредите на ‘рбетниот столб предизвикани од несреќи се сметаат за неизлечиви поради оштетување на нервните влакна или аксоните, но сега постои надеж. Нервните влакна се одговорни за пренесување на информациите од мозокот до мускулите и назад. Во случај на повреда на ‘рбетниот столб, таа комуникација се прекинува, а со оглед на фактот дека аксоните на централниот нервен систем не можат да се обноват, резултатот е доживотна парализа.
Сепак, научниците од Универзитетот во Бохум, предводени од професорот Дитмар Фишер, успеале да му овозможат на парализиран глушец повторно да оди, на тој начин што манипулирале со генетски модифициран протеин наречен хипер-интерлеукин-6. Тимот од научници, користејќи вирус, го пренел дизајнираниот протеин до специфичните нервни клетки на мотоневроните и го ослободил на контролиран начин.
– На овој начин, третманот со генетска терапија само на неколку нервни клетки истовремено стимулираше аксонална регенерација на различни нервни клетки во мозокот и неколку моторни патишта во ‘рбетниот столб. На крајот, претходно парализираните животни можеа повторно да одат, по две-три недели. Ова нѐ изненади на почетокот, бидејќи порано тоа не беше можно по целосна параплегија – објаснува Фишер.
Сега тој и неговиот тим се обидуваат да го оптимизираат методот и дополнително да истражат дали протеинот може да биде ефикасен дури и ако повредата се случила неколку недели претходно.
– Ова може да биде особено важно за примена кај луѓето. Експериментите ќе покажат дали истиот пристап ќе може да се примени и во третманот на парализирани луѓе во иднина – додава Фишер.