„Паразитот“ е дете на капитализмот

210

Македонската публика месецов конечно имаше можност да го погледне овој филм на Бонг Џун-хо, во рамките на филмскиот фестивал „Синедејс“, и да се воодушеви од ремек-делото што го остави светот без зборови

Откако „Паразит“ му ја донесе „златната палма“ на Бонг Џун-хо на годинашниот Кански филмски фестивал, возбудата на филмските критичари за ова јужнокорејско кинематографско остварување и безбројните позитивни критики го направија еден од најбараните и најочекувани филмови последниве неколку децении. Ова е втор азиски филм едноподруго што се закитува со „златна палма“ во Кан, по одличниот јапонски „Крадци“ на Хирокатсу Хоре-еда во 2018 година.

Македонската филмска публика месецов конечно имаше можност да го погледне „Паразит“, во рамките на филмскиот фестивал „Синедејс“, и да се воодушеви од ремек-делото што го остави светот без зборови.
Режисерот Бонг Џун-хо ни е познат по успешните остварувања „Окџа“, „Сеќавања за едно убиство“, „Мајка“, „Домаќинот“ и „Сноупирсерс“, а со „Паразит“ тој само докажува дека е уметник што целосно ужива во својата работа. Експериментирањето, пак, со различните филмски жанрови и тематики е нешто што само го истакнува неговиот талент, како и средство што ѝ помага на неговата маестралност да избие на површина

Џун-хо е еднакво феноменален, без разлика на тоа дали станува збор за комедија, драма, хорор, мистерија, па дури и филмови со чудовишта, а преку „Паразит“ нам ни станува јасно колку сето негово претходно искуство му помогнало за да создаде еден толку добар и „исполиран“ сатиричен трилер.
„Паразит“ е филм што ја раскажува приказната за сиромашното четиричлено семејство Ким, кое се бори за опстанок барајќи работа. Откако пријателот на младиот Ким Ки-ву ќе му донесе на семејството еден „среќен камен“ за подарок, ќе му понуди на Ки-ву можност да работи во куќата каде што тој претходно бил тутор и ќе замине на студии во странство, животот на семејството Ким почнува полека да се менува во драстично поинаква насока.
Ки-ву започнува со својата работа и полека успева да го „извлече“ своето семејство од смрдливиот сутерен во кој живеат и да го „всели“ во луксузната куќа на богатото семејство Парк, каде што ќе се вработат и ќе живеат без некој да дознае дека се всушност крвно поврзани, а она што ќе се случи понатаму ќе им ги смени животите на двете семејства засекогаш!

„Паразит“ е феноменално напишан и уште попрекрасно режиран и снимен филм. Уште од самиот почеток гледачот е внесен во приказната, преку јасно, внимателно и детално градење на ликовите и ситуацијата во која се наоѓаат. Џун-хо ја претставува толку видливата класна раздвоеност, дискриминација, човечка алчност и беда и иако користи интелигентен хумор, нагласена наивност или нагласена хистерија, крајниот резултат е всушност екстремно реалистичен филм, со кој може да се идентификува секој што го гледа.
– Додека го снимав филмот, се обидував да прикажам еден сентимент што е типичен за корејската култура и мислев дека филмот ќе биде целосно корејски, гледано од странска перспектива. Но откако почна да се проектира филмот, сфатив дека реакциите на сите различни публики беа всушност исти. Така сфатив дека ова е универзална тема. Во основа, сите ние живееме во иста земја, наречена капитализам – забележува дури и самиот режисер.

Филмот е насловен „Паразит“, но додека го гледате од глава нема да ви излезе прашањето „кој е паразитот овде“, а можеби и нема да го добиете одговорот дури и откако ќе го погледнете филмот докрај. Овој филм ги прикажува сите ликови многу длабоко и реално, секој со своите мани и гревови, но и секој толку природно и човечки. „Паразит“ не се обидува да ги претстави богатите онака пластично, глупаво и негативно како што честопати се случува да бидат прикажани во филмовите, ниту пак сиромашните ликови се претставени како „светци“ на кои им е ветен рајот во следниот живот поради нивната беда. Напротив, тие се премногу снаодливи и паметни, токму затоа што нивниот претходен начин на живот ги создал такви! Тие се дури и подмолни во некои ситуации.
Покрај одличните сцени и дијалози, „Паразит“ претставува визуелно ремек-дело. Секоја рамка од филмот може да претставува уметничко дело. Речиси математички пресметаните кадри на кинематограферот Хонг Кјунг-пјо, како и совршениот колорит, се одлична визуелна аналогија за различниот живот што го живеат двете семејства, совршен симбол за разликата помеѓу високата и ниската класа, каде што поројниот дожд за едните претставува давење во смет, додека за другите прекрасна свежа летна ноќ по која ќе изгрее сонце.

Глумата е неверојатна. Сонг Канг-хо, Ли Сун-кјун, Чо Јо-џонг, Чои Ву-шик и Парк Со-дам се феноменални во своите улоги, додека, пак, музиката на Џонг Џе-ли само го прави чувството помоќно. Овој филм има моќ да ве насмее до солзи, да ве загрижи и исплаши, ќе ви го стегне срцето и ќе ве расплаче, а и сигурно ќе ве налути до бес. „Паразит“ навлегува толку детално во внатрешноста на своите ликови што е невозможно да не сочувствувате со секого од нив. Ќе ги разберете на едно лично ниво, без разлика колку се разликуваат еден од друг. И токму во тоа е убавината, во универзалноста. „Паразит“ е дефинитивно еден од најдобрите филмови годинава, за чиј „оскар“ навива светската публика.