Парада на песни, игри и носии на фолклорните средби во Кавадарци

339

Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ во организација на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ денес и утре во Кавадарци за првпат се одржуваат „Фолклорни средби“ . Домаќин на средбите ќе биде фолклорниот ансамбл „Тиквеш“, а публиката овие два дена ќе има можност да ги проследи настапите на ансамблот „Македонија“ и КУД „Јане Сандански“ од Неготино. За вистинските љубители на фолклорот можност за уживање во богатството на македоснкиот фолклорот во песната, играта и прекрасните народни носии од разни краеви од Македонија.

– Фолклорните средби ќе ги отворат играорците домаќини од фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ по раководство на дипломираниот етнокореолог Методи Глигоров, кој во Кавадарци има своја традиција подолга од три децении. Тие годинава се носители на титулата најдобар фолклорен ансамбл на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола, потоа специјалната награда на фестивалот во Панаѓуриште – Бугарија и првата награда за најкомлетен ансамбл што презентира традиционална музика и игра. Овие награди и успешните настапи надвор од државата во Полска, Италија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Србија говорат за една голема посветеност, професионалност со вклучувањето на образовани кадри и голем труд кој се наградува секогаш со бурен аплаус во полната сала во Кавадарци каде за нивните концерти секогаш се бара билет повеќе. Слободно може да се потврди дека ФА „Тиквеш“ последниве години многу успешно го свртува вниманието на младите кон традицијата и фолклорот анимирајќи многу млади членови чиј број во фолклорната школа достигнува 120 посетители. На нашиот репертоар моментално актуелни се кореографиите: Пијанец, Малешевска, Овчеполска, игри од Источна Мкаедонија, Егејска Македонија и многу други. По неколку години го обновивме народниот оркестар кој сега брои шест члена и кој е многу значаен за нас. Во него се застапени традиционалните народни инструменти, тапан, гајда, зурла, кавал, хармоника, но работиме на тоа да се прошири. Со моето ангажирање во ансамблот, на Борче Филов, студент на катедрата за етнокореологија, како и на Благица Илиева, задолжена за народните носии, која има најдолг стаж овде во ФА „Тиквеш“, повеќе од две децении, сметам дека успеавме да го подигнеме нивото на заинтересираност за фолклорот меѓу помладата популација и да ја вратиме публиката на нашите концерти. Навистина ни е чест да настапубаме пред полни сали, така си го вреднуваме трудот и тоа ни дава сила да одиме напред, да продолжиме да играме и да изгледаме што попрофесионално – вели раководителот Методи Глигоров.

– Ансамблот „Тиквеш“ има оригинални носии од Пијанец, оригинални носии од Мариово, копии на оригинални носии од Скопска Блатија и Костурско. Носиите ги обезбеди Домот на културата и во оваа пригода морам да ја истакнам добрата соработка и разбирање кое го имаме со директорката на домот Јулијана Туриманџова и во реализирањето на идејата за организирање на фолклорни средби. Мислам дека на градот токму тоа му треба и се надевам дека ќе прерасне во традиција со оглед на фактот што нашиот ансамбл негува многу добра соработка со други ансамбли како што се КУД „Јане Сандански“, КУД „Ристо Донев -Учителот“, КУД „Мирче Ацев“ и многу други – вели Благица Илиева, најдобриот ороводец во ансамблот.