Пандемијата e трнлива тема за Илон Маск и НАСА, сојузниците за освојување на Месечината

746

Како и многумина работодавачи во САД, НАСА ги испрати повеќето вработени дома за време на пандемијата. Но Американската вселенска агенција и натаму работи на идните мисии, вклучувајќи ја „Артемис“, обидот за враќање на Американците на Месечината уште од програмата „Аполо“. НАСА објави и дека ги избрала компаниите што ќе ги дизајнираат системите во кои астронаутите ќе слетаат на Месечината, пишува „Атлантик“.

Една од тие компании е „Спејс екс“, е особено позната моментно, не поради нејзините импресивни ракетни лансирања и слетувања, туку поради неодамнешното однесување на нејзиниот извршен директор. Со недели, Илон Маск се бунтува против мерките за социјално дистанцирање кои надлежните здравствени служби ги воведоа за да го спречат ширењето на коронавирусот. Неговото гледиште е дијаметрално спротивно на внимателниот пристап на НАСА, која на „Спејс екс“ тукушто и додели прв договор за изработка на вселенски летала од ваков вид, уште од 60-те години на минатиот век.

Како милијардер што управува со „Тесла“ и со уште неколку други компании, Маск не е вообичаениот соработник на НАСА, а тој е познат и по неговиот слободен пристап на социјалните медиуми, поради кој во повеќе наврати се соочи со тужби. Ова понекогаш создаде непријатности за НАСА во поглед на јавните односи. Но, мисијата за Месечината не е прво партнерство помеѓу НАСА и Маск. Тие соработуваат заедно со години. „Спејс екс“ ја користи ракетата „Фалкон 9“ за испраќање намирници на Интернационалната вселенска станица во изминатата деценија.

Претстојното испраќање на астронаутите во вселената е заеднички потфат. Но, откако пандемијата ги зафати САД, вклучените страни немаат исто гледиште за неа. На 6 март, наса спроведе „телеработен ден“ за да тестира дали нејзините вработени можат да работат од дома на неодредено време, доколку се влоши пандемијата, додека Маск на Твитер напиша „паниката за коронавирусот е глупава“.

НАСА јавно ги објави превентивните мерки кои ги презема да ги заштити своите вработени, особено за мисиите кои ги сметаат за неопходни. Маск ги прифати опасностите од коронавирусот и кон средината на март преку мејл им кажа на вработените на „Спејс екс“ дека е „подобро да останат дома“ ако не се чувствуваат добро. Но тој го омаловажуваше јавниот одговор кон коронавирусот, додавајќи дека има поголема шанса вработените да загинат во сообраќајка отколку од коронавирус – во несоодветна споредба. Маск промовираше и дубиозна студија за бенефитите од експерименталниот лек „хлорокин“, ги нарече мерките за останување дома „фашистички“ и го спореди коронавирусот со обична настинка, што е опасна заблуда.

– Kаква врска има мислењето на Маск за мерките со неговата работа за НАСА? Впрочем, „Спејс екс“ изработува ракети а не медицинска опрема. Но Маск не е обичен човек што протестира против владините мерки против пандемијата преку мавтање со натписи и викајќи им на медицинските работници. Тој е на чело на компанија што доби еден од најважните договори за истражување на вселената во изминатите децении, од водечката светска вселенска агенција. Неговата визија ќе ги доведе американските астронаути до површината на Месечината во скапа мисија финансирана од даночните обврзници, а се надеваме, и ќе ги врати дома безбедно – заклучува „Атлантик“.