Пандемијата ги смени патувачките трендови

170

Безбедноста и чистотата и понатаму ќе бидат најважната ставка за секој патник при изборот на дестинација и сместување, а престојот во приватно сместување ќе има предност пред хотелите

Пандемијата влијаеше на патувањата во светот во 2020 година и влијанијата двојно ќе се почувствуваат наредната година. Начините на кои патувавме до март ќе бидат одолжени на неопределено време, но во меѓувреме се појавија некои нови трендови што ќе нè следат долго време, сметаат од „Ер-би-ен-би“.
Работата од дома за многумина ќе продолжи и следната година, така што ќе има сè повеќе одмори во комбинација со работа. Безбедноста и чистотата и понатаму ќе бидат најважната ставка за секој патник при изборот на дестинација и сместување, а престојот во приватно сместување ќе има предност пред хотелите.
Коронавирусот имаше најголемо влијание врз меѓународните патувања, особено во далечните земји, и очигледно таквата состојба ја чека и 2021 година. Ова се три главни трендови што ќе го редефинираат светот на патувањата во 2021 година според „Ер-би-ен-би“. Анкетата е спроведена врз основа на истражување меѓу американски патници и анализа на податоците за пребарување и резервација на „Ер-би-ен-би“ за следната година.

Живот на пат
Работата надвор од канцеларија стана дел од нашето секојдневие за време на пандемијата. Со оглед на тоа што луѓето веќе не се принудени да минуваат пет дена во канцеларија, за следната година се забележува зголемување на годишните одмори во комбинација со работа. При што се очекува патниците да го продолжат патувањето на нови локации за една или две недели. Работата надвор од канцеларија овозможува практично да живееме насекаде и да работиме од далечина. Според истражувањето на „Ер-би-ен-би“, секој петти испитаник се отселил за време на пандемијата, или привремено или трајно. Од нив, 24 отсто се преселиле во предградијата и 21 отсто во руралните области.

Се практикува патување во близната на домот
„Стејкешн“ значи патување во близната на својот дом, во сопствената земја, каде што се потребни само неколку часа за да се стигне до посакуваната дестинација. Станува збор за кратки, еднодневни или викенд-патувања, кои ќе бидат хит во 2021 година. Кога станува збор за сместување, се бараат едноставни места за престој, како што се дрвени куќи, мали скриени викендички, дури и стари рустикални куќи.

Групи за заедничко патување
Оваа година нѐ освести колку ни се потребни луѓето и контактите со нив, а тоа ќе се одрази и на патувањата следата година. Значи, се појави уште еден тренд, а тоа е патувањето „травел подс“. Станува збор за група составена од членови на исто семејство или најблиски пријатели што избрале да доживеат заедничка авантура, да одат на заедничко патување или едноставно да бидат во изолација заедно на една локација. Поентата е да се избегне дружење со други лица за да се намали ризикот од зараза. Важно е сите членови на толку мала патувачка заедница да имаат доверба едни во други и да ги следат претходно утврдените правила за безбедност и здравје.