Охрид ќе ги пречека врвните светски готвачи

157

Годинашен домаќин на четвртиот меѓународен гастрономски натпревар „Гастромак 2019“ е градот Охрид, а мотото што ќе ги екипира сите љубители на гастрономија од 10 до 14 октомври е „Не се грижи, биди Охрид!“. Според организаторот, асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија „Гастромак“, на настанот ќе присуствуваат над 300 учесници.
– Ќе има натпреварувачи од 30 земји: Дагестан, Азербејџан, Русија, Кореја, Италија, Франција, Украина, Турција, Албанија, Србија, Хрватска, па дури и од Сибир, потоа над 90 лиценцирани судии, гастрономски амбасадори и почесни гости од сите краишта на планетата – најави претседателката на „Гастромак“, Адријана Алачки.
Почнувајќи од 10 октомври, кога со големо дефиле на учесниците, судиите, мастер-предавачите, официјално ќе се отвори „Гастромак 2019“, па до гаснењето на рефлекторите, на 14 октомври, ќе има што да се види и вкуси, бидејќи организаторот подготви интересни и едукативни содржини, натпревари и програма за сите вкусови и генерации.

Всушност, сѐ ќе се одвива на два фронта, учесниците ќе се натпреваруваат во хотелот „Нова ривиера“, а во вториот дел пред хотелот ќе се случуваат презентации за сите гурмани од нашата, но и од другите интернационални кујни.
Еден од настаните што не треба да се пропушти е „Фиш фест“ на Дон Давид, кој ќе се случува на 12 октомври, кога судиите, повеќето сопственици на престижните 10 „мишелин ѕвезди“, ќе приготвуваат скара за присутните.
Од „Гастромак“ најавуваат дека натпреварот е логистички поддржан од Светската организација на шефови на кујни, асоцијација што ги обединува националните кулинарски здруженија од над 150 држави во светот.
– Токму затоа целта на асоцијацијата е да се грижи за богатата традиционална култура на нашето македонско поднебје, да ги промовира едукативните процеси кај готвачите и да воведе светски кулинарски трендови во чекор со современата македонска кујна – информира шефот Љупчо Гиевски.

На средбата со новинарите беше објавен годинешниот претседател на судскиот тим, познатиот Стево Карапанџа, гастрономски гуру, кој оставил толку многу багаж зад себе, па и по речиси 50 години предизвикува почитување.
– Имате доволно причини да бидете дел од оваа приказна, а ние заедно со општината Охрид, со хотелот „Нова ривиера“ ќе се потрудиме да го оправдаме признанието најдобар натпревар во Југоисточна Европа – рече шефицата Весна Тодоровска-Алачковска.
Најавени се и голем број хуманитарни проекти во рамките на манифестацијата.