Осум ревии, 28 европски дизајнери, обединета мода на „Моден викенд“

171

Изминатите три дена публиката можеше да го погледне изложбениот салон „Обединета мода“, собирајќи дваесет и осум интернационални дизајнери и брендови од седумнаесет земји на едно место. По успешните презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, изложбата на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22, исто така ги воодушеви љубителите на модата и визуелната уметност

Перформанс со 28 европски дизајнери, студентска ревија со наслов „Ив Сен Лорен и јас“, нови колекција на Јилка Брада, Евгенија Зафировска, Марија Кулушиќ, Софија Урумовиќ, сензационално враќање на Маја Кикириткова, презентација на смелиот и рафиниран бренд „Артропода“, екоревија на ТМФ, најновите парчиња на Марко Фехер, Милан Зејак, Сара Реџиќ… ја пополнија програмата на 19-то тридневно издание на „Моден викенд Скопје“, кое се одржа во просториите на Европскиот универзитет.
Шоуто почна со студентската модна ревија „Ив Сен Лорен и јас“ на осумнаесет студенти од насоката моден дизајн на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет со педесет и пет модни изгледи, која беше посветена на креативното наследство на францускиот моден гениј Ив Сен Лорен. Студентите имаа предизвик да направат сопствена интерпретација на креации од различни периоди на неговото творештво до 2002 година, кога тој се повлекува од создавањето модни колекции.

Програмата на првиот ден ја заокружи новата колекција „Пренда“ на познатата косовска дизајнерка Јилка Брада, чија муза е божицата на љубовта и убавината. Колекцијата ги слави аспектите што ја прават секоја жена божица на убавината и љубовта.

Дизајн на Магдалена Димковска, ТМФ

Втората вечер почна со Евгенија Зафировска и колекцијата „Врска помеѓу она што го гледаме и она што го знаеме“, која ги интегрира традиционалниот и модерниот стил, односно реинтерпретира концептот на традицијата и рачната изработка на нов и иновативен начин.

По неа следуваше Марија Кулушиќ од Хрватска. Kолекцијата „Ит фил апарт“ открива силен контраст помеѓу модните парчиња, а особено меѓу текстилите. Наспроти строгите форми на сакоата и капутите, свилените парчиња имаат единствен природен дезен. Применети се различни техники и методи на бојадисување, за кои е потребно одредено време да доведат до посакуваниот резултат. Поголемиот дел од свилата е нијансиран со камилица, цикорија, кафе, црн чај и ’рѓосани предмети.

Kолекцијата „Кое е нејзиното лице“ на Софија Урумовиќ, пак, се занимава со начинот на кој ликот како мотив се набљудува и интерпретира кога е прикажан во апстрактен манир преку облеката. Таа развива сосема нов пристап за дизајнирање на облеката.
Македонската дизајнерка Маја Кикириткова се претстави со пролетна колекција наменета за сите динамични жени, овозможувајќи им одговор за секој нов предизвик во денот. Вечерта ја затвори еднакво смелиот и рафиниран бренд „Артропода“, чии креации претставуваат омаж за жената. Жената што е уметница, лидерка, бунтовничка и инфлуенсерка во општеството.

Дизајн на Маја Кикириткова

Третиот ден први во ревискиот дел се претставија студентите од ТМФ. Во соработка со текстилниот кластер и под менторство на професорката Лидија Георгиева, со храбри парчиња, впечатлив дизајн и еколошка порака студентките Магдалена Димковска, Донева Мартина, Тамара Богдановска, Јана Маринковска, Катерина Димитровска ја презентираа ревија наречена „Реинкарнација“, која е изработена од текстилен отпад и се занимава со проблематиката на зачувување на животната средина.

Потоа следуваа креациите на босанскиот талентиран дизајнер Марко Фехер, прикажувајќи спој на традицијата и футуризмот, односно уличната и високата мода.
– Она што бил везот во минатото, сега е принтот. Колоритот е ограничен – црната, белата и црвената се испреплетуваат и вo машката и во женската колекција, додека нагласените рамена, предимензионираните парчиња, по малку футуристичките здолништа и интересните јакни на закопчување ѝ даваат на целата приказна ултрамодерна нота – вели Фехер.

Српскиот дизајнер Милан Зејак, пак, во колекцијата за есен-зима 2019 година, го развива интересoт за правоаголните форми и како тие може да ги сменат заоблените кроеви во класичните елементи на шиењето. Резултатот се волуменозни, драпирани и повремено лелеави современи парчиња, со реминисценција на традиционалната јапонска облека, како и западната флапер-ера во 20-тите години на минатиот век.

Македонската дизајнерка Сара Реџиќ го затвори „Модниот викенд“ со колекцијата „Пјур лов“ за сезоната пролет-лето, која содржи дваесет и пет изгледи. Сите креации се изработени од природни материјали, а се наменети за секоја девојка и жена што ги сакаат веселите бои и шаренилото. Колекцијата е дополнета и со мини-колекција на рачно изработени чевли во соработка со Катерина Микрут.

Изминатите три дена публиката можеше да го погледне изложбениот салон „Обединета мода“, собирајќи дваесет и осум интернационални дизајнери и брендови од седумнаесет земји на едно место. По успешните презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, изложбата на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22, исто така ги воодушеви љубителите на модата и визуелната уметност.

Дизајн на Милан Зејак