Орангутаните „зборуваат“ за минатото

137

Веќе е познато дека орангутаните се едни од најпаметните животни на нашата планета. Научниците дојдоа до доказ дека овие неверојатни примати меѓу себе комуницираат за минати случувања. Новата објавена студија открива дека кога мајките орангутани забележале предатор, тие го потиснале повикот за предупредување на другите се додека опасноста не поминала.

Експериментот, кој бил направен во шумата Кетамбе во Суматра, Индонезија, од страна на научниците на Универзитетот во Сент Ендрус е навистина шармантен. Тие се облекле во тигреста ткаенина и лазеле две минути под дрвото на орангутаните. Наместо веднаш да се огласат, орангутаните станале колку што можеле потивки околу седум минути пред да ги направат повиците за аларм.

– Кога се изложени на модел што во овој случај е грабливец, суматранските орангутани повремено ги потиснуваат повиците за аларм некогаш дури и до 20 минути, додека грабливецот не е надвор од видикот, со цел да не го привлечат вниманието кон себе. Дури откако опасноста е помината, мајките ги подучуваат своите мали што се случило – објаснуваат научниците во студијата.

Тоа што орангутаните не реагираат веднаш на стимули, долгорочната меморија и намерната наместо инстинктивна комуникација заедно со контролата на гласните жици е знак за нивната голема интелигенција. Со оглед на тоа што орангутаните се блиски роднини на човекот, овие информации можат да помогнат во истражувањата за еволуцијата на самиот јазик како средство за општење.