Океани од емоции на концертот на Јелена Томашевиќ

281

„Нема да верувате, ама ова е мој прв солистички концерт во Mакедонија и се надевам дека отсега ќе се гледаме почесто“… Со овие зборови српската пејачка Јелена Томашевиќ ја поздрави завчеравечер публиката што до последното место ја наполни салата на МОБ. Еден од најдобрите женски вокали на Балканот, пред скопјани, во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет, ги отпеа своите најголеми хитови и уште по првите неколку песни оствари близок контакт со публиката.
Таа прва ја изведе песната „Панта реи“, по која е насловен нејзиниот прв албум, а потоа ги слушнавме и нејзините хитови „Океани“, „Име моје“, „Кошава“, „Јутро“, евровизиската „Оро“ на Жељко Јоксимовиќ, со која Јела Томашевиќ во 2008 година го зазеде шестото место на „Евросонг“ во 2008 година. Во публиката беше и композиторот Дарко Димитров, со кого Јелена успешно соработува со години, а на сцената заедно со Елена Ристеска Томашевиќ ја изведе песната „Живот у коферима“, по што Елена го отпеа и својот голем хит „Доживотно“.
Во исклучително пријатна атмосфера, публиката најпрво тивко, а потоа сѐ погласно ги пееше песните на Томашевиќ, а најсилен аплауз одекна кога таа а капела испеа една етно-песна, кога нејзиниот моќен, чист вокал ја исполни салата на МОБ.
– Извинете ако има некои технички грешки и мали недоразбирања со оркестарот, имавме само две проби, па и јас како и вие првпат ги изведувам моите песни со овие нови, прекрасни аранжмани и се надевам дека ќе имаме можност сето ова да го повториме – рече Јелена.
Следуваше блок во кој таа ја исполни и песната што ја пеела во филмот „Ивкова слава“, како и македонската народна песна „Шеќерна“, а ја слушнавме и „Ѓурѓевдан“ и уште неколку староградски песни, на кои можеби и не им беше место во ова прво претставување на Томашевиќ пред скопската публика.
На бис таа уште еднаш ја испеа песната „Оро“, бурно поздравена од публиката од повеќе генерации што веќе беше на нозе. По скопскиот, Јела Томашевиќ ја очекуваат и концерт во Виена и во некои балкански и европски градови.
Концертот насловен „Океани“ на Јелена Томашевиќ во МОБ е дел од програмата на годинашната културна манифестација „Скопско лето“ што е во тек. М.Т.