Одобрен првиот домашен тест за ковид-19

312

Администрацијата за храна и лекови на САД издаде итно одобрување за употреба на првиот брз тест на ковид-19 за домашна употреба. Тестот на компанијата „Лусира хелт“ дава резултати за 30 минути. Со комплетот на „Лусира“ првпат се заменува потребата од сложените лабораториски тестови, кои бараат генетички материјал на коронавирусот со употреба на техниката наречена полимеразна верижна реакција (ПЦР).

Домашниот тест користи слични принципи, со употреба на методот наречен циклусно изотермално засилување или ЛАМП. Како и ПЦР, така и ЛАМП постојано го копира генетичкиот материјал сè додека не достигне забележливо ниво, што овозможува да се идентификува вирусот дури и кога е присутен на ниско ниво во респираторниот тракт.
Функционира на тој начин што потенцијално заразеното лице зема брис од носот, а потоа примерокот од земениот брис го натопува и меша во епрувета со хемиски реагенси. По околу половина час, резултатите може да се прочитаат директно на осветлениот дисплеј.

Според владините упатства, лицата што ќе го направат тестот треба да ги пријават резултатите до здравствените работници, кои потоа мора да ги информираат јавните здравствени служби за да помогнат во следењето на ширењето на вирусот.