Огромна поддршка за Тамара, само напред девојко!

788

За „Нова Македонија“ од Тел Авив, Марија Таушанска

Доколку во изминатите седум години финалето на „Евровизија“ не беше баш гледано кај нас, од познати причини, вечерва нема да биде така. Откако во четвртокот Тамара се пласираше во финалето на овој престижен избор, со својата впечатлива интерпретација на песната „Proud“ и навистина сите не направи горди, предизвикувајќи бура од емоции кај евровизиските фанови во целиот свет, Македонците сплотени, со зборови на поддршка, со нетрпение го очекуваат вечерашното финале, кое почнува во 21 часот, а ќе се пренесува на Првата програма на МРТ, како носител на лиценцата за овој избор. Коменатор од Тел Авив е Тони Цифровски.

Исто така, има најави дека тоа ќе биде најгледан настан во светски рамки со околу 200 милиони гледачи во целиот свет.

Атмосферата уште повеќе почна да се подгрева откако Тамара почнаа да ја вбројуваат меѓу фаворитите на „Евросонг“, а познатото музичко списание „Билборд“, „Proud“ ја вброи меѓу 12-те најубави песни на овој избор. Кај нас, веќе почна и да се шпекулира доколку победиме, каде би се одржал изборот в година.

– Супер сме сите, пресреќна сум. Ви благодарам што верувавте во мене. „Proud“ е песна за сите нас. Ова е резултат на тимската работа. Да се гордееме со себе и со луѓето околу нас. Фала ви на поддршката. Ве сакам. Ќе ве направам горди вечерва – им порача Тамара на сите кои ја поддржуваат.

Честитики со зборови на поддршка до Тамара упати и претседателот Стево Пендаровски.

– Само напред девојко, земјата се гордее со твојот успех – и порача Пендаровски на Тамара.

А нашата претставничка многу порелаксирано го очекува вечерашниот настап. Пробите минаа одлично и нема никакви технички проблеми.

– Според реакциите што ги слушам секаде, има добри шанси да бидеме во топ 10. Тоа би бил за нас одличен резултат, најдобар до сега. Но, гласањето не оди баш секогаш според мислењата и предвидувањата однапред, а тоа сме го почувствувале повеќепати досега, па затоа ги следиме реакциите со доза на резервираност. Сепак, факт е дека досега апсолутно никој не кажал ништо негативно за песната и изведбата, Тамара е меѓу најдобрите вокали на настанов, песната е со универзална порака и би било вистинско изненадување ако барем од жиријата нема висок пласман. Телевоутингот е веќе друга работа. Ние, во секој случај, сме многу горди на Тамара и на изведбата – вели Игор Трајковски, претседател на ОГАЕ – Македонија, кој секогаш им дава поддршка на нашите евровизиски претставници.

Тамара настапува осма по ред во првата половина на вечерта, а вечерта ќе ја отвори Михаела од Малта. Меѓу фаворитите за победа се и: Швајцарија, Шведска, Норвешка, Русија, Холандија, Италија, Франција, Русија и Австралија. Доколку се случи таа да победи „Евросонг 2020“ ќе се одржи во некоја европска земја.

На синоќешната проба гласаше жирито, а вечерва на овие ќе им се додадат и гласовите на публиката од сите 41 земја-учесничка, во однос 50 спрема 50. Водители, како и во двете полуфинални вечери се: Бар Рафаели, Ерез Тал, Асаи Азар и Луси Ајуб.

На самиот почеток на познати евровизиски рефрени ќе не потсетат: Кончита Вурст, Манс Зелмерлоу, Верка Сердучка и Елени Фуреира, а шоуто ќе го отворат Нета Барзилаи и Дана Интернешнл. Во текот на паузата Нета ќе ја има светската премиера на новиот синг „Ната банана“. Пред да бидат објавени поените од гласањето на гледачите и на стручното жири, гледачите ќе можат да ја видат Мадона, за чиј настап се крена огромна прашина. Таа ќе ги отпее „Like a prayer“ заедно со 35-член хор и премиерно „Future“ со раперот Куаво, од новиот албум „Мадам екс“ кој ќе биде објавен на 14-ти јуни. Наводно, Мадона тајно го посетила Цфат, град на кабалата и еден од четирите свети градови во јудаизмот. Мадона била таму за да оддаде почит на починат кабалист.