Огнено крштавање по подолга апстиненција од живи настапи

65
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Огнено крштавање по подолга апстиненција од живи настапиОвој концерт ќе биде посебно доживување за сите што ќе присуствуваат, бидејќи првпат ќе бидат изведени 22 песни на групата во придружба на македонски хор и оркестар, под диригентската палка на Војкан Борисављевиќ

Славенички концерт на „Бајага и инструктори“

Момчило Бајагиќ-Бајага, еден ден пред промоцијата на новиот албум „Овај свет се мења“ што ќе се одржи во Белград, на 13 септември ќе одржи голем славенички концерт во Скопје, со кој заедно со неговите „Инструктори на позитивна географија“ ја одбележуваат својата 35-годишна успешна музичка кариера. Скопјани ќе уживаат слушајќи ги најголемите хитови на бендот под ведро небо, на стадионот на АРМ во Градскиот парк. Овој концерт, во организација на продукцијата „Авалон“, ќе биде посебно доживување за сите што ќе присуствуваат, бидејќи првпат ќе бидат изведени22 песни на групата придружувани од хор и оркестар, под диригентската палка на маестро Војкан Борисављевиќ.

– Направивме избор од 22 наши големи хитови што ќе ги изведеме, односно песните ги избиравме и според тоа како ќе звучат со оркестар. Меѓу другите ќе ги исполниме: „Буѓење раног пролеќа“, „Зажмури“, „Руски воз“, „Што не може нико можеш ти“, „Откад тебе волим“, а ќе ја слушнете и „За моје другове“, која во нов аранжман звучи многу поинаку од оригиналот. Интересно е што ќе се измешаат енергиите, нашата и онаа на овдешните хористи и музичари, а тоа ветува едно навистина посебно доживување – вели Момчило Бајагиќ-Бајага, кој деновиве престојуваше во Скопје.
Маестро Војкан Борисавњевиќ, кој е автор на повеќето аранжмани, ќе направи две проби со оркестарот, а потоа и со „Инструкторите“.
– Планираме да издадеме дивиди од серијата концерти со оркестарска и хорска придружба во белградскиот центар „Сава“ и оние во регионот, по повод нашиот 35-годишен јубилеј. Искрено јас сум фасциниран од звукот на песните и едвај чекам да видам како ќе ѝ се допаднат на македонската публика, која е исклучително музикална. Секогаш ме одушевувало тоа што Македонците кога ги пеат нашите песни на концертите тоа го прават повеќегласно – ни рече познатиот балкански музичар.

Бајага во изминатите 35 години со „Инструкторите“, а претходно и со „Рибља чорба“ бил чест гостин во нашата земја.
– Во Скопје сме свиреле во МКЦ, СРЦ „Кале“, во „Борис Трајковски“, „Универзална сала“, за која слушнав дека сакаат да ја уриваат, ама искрено се надевам дека нема да се случи тоа и насекаде низ земјава. Што се вели од минус 20 до плус 40 степени и секогаш сме поминувале одлично. Паметам едно лето свиревме на Скопското лизгалиште и мислам дека имаше 45 степени надвор. Кога го фатив микрофонот добив изгореници на раката. А што се однесува до сегашниот концерт, требаше да го одржиме во некоја сала и тоа некаде во февруари, март, но се случи пандемијата и затоа сега го фативме овој период кога ситуацијата со заразата стивна малку. Мислам дека е одличен изборот тоа да се случи под ведро небо, а на скопјани им ветуваме тричасовно дружење со нашата музика. Инаку ние цело лето откажувавме веќе закажани концерти во регионот, па и за нас ова ќе биде некое огнено крштавање по подолг период на апстиненција од живи настапи – ни откри Бајага.

Инаку, новиот албум „Овај свет се мења“, бендот го снимаше во јуни и во јули, а го издаваат заеднички дискографските куќи ПГП РТБ и „Кроација рекордс“.
– На албумот „Овај свет се мења“, освен насловната има уште неколку нови песни, но и неколку преработки на хитови што сум ги пишувал за други, како „Твоје очи“ и „Моја драга“ што ги пее Здраво Чолиќ и „Ја сам се ложио на тебе“ од репертоарот на „Рибља чорба“. Тука се и некои нумери пишувани за театар и за филм. Во ниеден стих на албумот не се споменува ни пандемијата ни грдиот збор коронавирус, иако насловот јасно асоцира дека тој е посветен на времето во кое живееме. Како и да е, јас ќе продолжам да пишувам љубовни песни и во иднина, бидејќи тоа е најсилната емоција и 90 отсто од сите песни на планетата се напишан и токму за неа – посочи Бајага.
За скопскиот концерт во продажба се пуштени 4.000 карти, иако стадионот на АРМ има капацитет од 15.000 посетители. Концертот ќе трае три часа, а носењето заштитни маски е задолжително за сите, во согласност со протоколите за одржување јавни настани.


На 11 септември „Електрични оргазам“ на 12-ти „Скопје колинг“

Во рамките на тридневниот концертен маратон на „Авалон“, на 11 септември, в петок, на истата локација, стадион на АРМ, јубилеен концерт со кој одбележува 40 години постоење ќе одржи култната белградска рок-група „Електрични оргазам“. На 12 септември, во рамките на манифестацијата „Скопје колинг“, ќе слушнеме и неколку домашни бендови. Публиката ќе ужива во настапите на: „Ласт експедишн“, „Фолтин“, „Плутос дабтс“ и на групата „Фанк шуи“.