Обожавам да им правам портрети на архитектонските скулптури

768

Монографијата на Ерина Богоева, „Скопје – архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“, ќе биде промовирана утре, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“, на улицата Македонија

Ерина Богоева, фотографка

Монографијата „Скопје – архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“, на фотографката Ерина Богоева, ќе биде промовирана утре, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“, на улицата Македонија. Книгата, во издание на „Арс либрис“, содржи околу 80 фотографии.
Во фокусот на Богоева се 30 објекти од јавен и резиденцијален карактер, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на армијата, соборниот храм „Св. Климент Охридски“, католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други. Проектот е поддржан од градот Скопје, како дел од конкурсот за проекти од областа на културата што би го застапувале или збогатиле културниот живот на градот. Со овој настан во книжарницата „Литература.мк“ ќе бидат одбележани и 74 години од ослободувањето на Скопје.

Архитектурата како фотографска скулптура… Што сѐ склопивте во кориците на монографијата?
– Се обидов да склопам осврт на модернистичко Скопје од моја фотографска перспектива, заедно со малку информации и занимливости за објектите што ги фотографирав.

Во фокусот ви е архитектурата на објекти од јавен и резиденцијален карактер… Како ви влезе во кадар архитектурата? И со што најсилно ве инспирира?
– Искрено, кога почнував со фотографија не мислев дека архитектурата ќе ми биде предизвик. Не ја доживував како жив предмет, туку како (во најдобар случај) завршено уметничко дело. Но откако подлабоко почнав да ја набљудувам архитектурата во затемнетото Скопје и како сѐ повеќе патував и ја гледав светската архитектура, почна да се раѓа интересот за таа област. По доста време поминато во набљудување на скопскиот брутализам и модернизам, јасно ми беше дека има уште простор за поинаква интерпретација на овие објекти – како архитектонски скулптури во просторот, а не само како обични згради. Потоа, кога почнав да истражувам на оваа тема, ми се потврди дека тоа што сум го доживеала, често била и самата идеја на архитектите што го граделе постземјотресно Скопје.

Што е она што вие го гледате во овие објекти и сакате да го пренесете преку вашиот објектив?
– Овие објекти се токму тоа – архитектонски скулптури со исклучителна убавина. Просторот што тие го зафаќаат е прецизен и иако се грандиозни, не се претенциозни, ниту се трудат да бидат нешто што не се.

Што е различно во архитектонската фотографија од другите форми на фотографија? Со што ве фасцинира овој сегмент од уметноста?
– Мојот пристап кон фотографирање на архитектурата беше како кон фотографирање луѓе. Може звучи глупаво, бидејќи разликата во субјектите е очигледно голема, но јас тргнав со идејата на овие објекти да им направам портрети. Едноставно така пристапувам кон фотографијата секогаш, веројатно. Затоа фотографиите во монографијата можеби и не се баш од документарен карактер, туку од уметнички.
Се фокусирав на детали, страни, светла, сенки што ме инспирираа кај овие објекти, исто како што би се фокусирала на очи, тело, насмевка што би ме инспирирале кај некоја личност.

Кои се предизвиците со кои се соочуваат фотографите на архитектурата? Што прво забележувате кога пред вас се издига чудесно архитектонско дело?
– Има доста предизвици, мислам. Особено кај нас и особено ако сакаме да документираме делови од модернистичко Скопје.
Тие објекти беа заградени од згради, билборди, паркинзи и слично и најчесто тешко се добива целосен кадар од нив. Кога ќе видам некое прекрасно архитектонско дело и ќе ме остави подзината, веднаш сакам да го фотографирам, макар и со телефон, но често кадарот и убавината се нарушуваат од работите што ги споменав погоре.

Објект на кој неизмерно му се восхитувате…
– Од Скопје – студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитект Георги Константиновски, а од странство – ТВ-кулата во Берлин.

Модерна архитектура или неокласицизам?
– Модерна, дефинитивно.