Обичен зајак е побрз од Усеин Болт

113

ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО СВЕТОТ НА ЖИВОТНИТЕ

На Олимписките игри се вреднуваат силата, издржливоста и енергијата и таквите случувања се исти и во светот на животните, иако далеку од очите на јавноста. Сите рекорди во светот на животните имаат само една цел, опстанок и континуитет на видовите. Со анализи и истражувања научниците откриле дека во тој поглед животните се исклучителни „спортисти“. Нивните атлетски способности и вештини се далеку поголеми од оние на човекот.

Дисциплина: трка на 100 метри
Натпреварувачи: обичен европски зајак и гепард
Усеин Болт, спринтерот од Јамајка, во моментов го држи светскиот рекорд на 100 метри, кој изнесува 9:58 секунди, а на 200 метри 19:19 секунди. Ова значи дека неговата просечна брзина е 10,44 м сек. или 37,6 км/час. Ако во борбата за медал учествува и обичниот зајак, тој ќе го победи Болт, бидејќи може да достигне брзина од 77 км/час, особено ако почувствува опасност. Тајната на овој тркач лежи во структурата на неговите задни нозе, кои функционираат како федери, како и на силните мускули на нозете. Сепак најбрз на светот е гепардот, кој може да трча со брзина од околу 115 км/час или 32 м/сек. Тоа е околу трипати побрзо отколку најбрзиот човек.

Дисциплина: пливање
Конкуренти: лепезеста сабјарка и туна
Рибата лепезеста сабјарка е рекордер во вода. Со својата огромна грбна перка, издолженото и вретенесто тело, таа поседува исклучително добра вештина за пливање и грациозност. Кога го лови пленот плива со брзина малку помала од онаа на гепардот – околу 110 км/час. Дури и повеќекратниот олимписки победник Мајкл Фелпс, кој плива со брзина од 8 км/час би изгледал бавен во однос на неа. И туната е исто така одличен пливач, кој живее во јато. Со своето силно вретенесто тело достигнува брзина до 100 км/час. Побавна е од сабјарката, па затоа таа може да ја стигне и да ја изеде, но многу побрза е од ослиќот, лигњите, харингите, скушите и раковите, кои пливаат побавно од неа, па таа ги јаде нив!

Дисциплина: синхронизирано пливање
Натпреварувач: обична сипа
Синхронизираното пливање е спорт што вклучува елементи на пливање, гимнастика и танц. Но ако ги споредиме луѓето со сипата тогаш тие се само аматери. Сипата е вистински виртуоз во балет и танц и тоа на млазен погон. Се пари напролет кога водата е потопла и тогаш можат да се видат прекрасните танци на мажјаците за да ги привлечат припадничките од спротивниот пол. Пливаат повремено на грб, повремено на стомак. Притоа мажјакот нежно ги допира сите нејзини осум крака и двете пипала. Уедначеноста на движењата, односно синхронизацијата на паровите е постигнато благодарение на големите нервни влакна, кои пренесуваат команди со брзина на светлината.

Дисциплина: кревање тегови
Натпреварувач: црвена шумска мравка
Овие мравки се чистачи на шумите бидејќи се хранат со гасеници и инсекти. Често можат да се видат како носат на грбот плен, потежок и поголем од нив самите. Различни видови мравки можат да носат товар 10 до 50 пати потежок од нивната тежина. Најјаките дигачи на тегови можат да подигнат тежина од само 1,8 пати поголема од тежината на своето тело. Еден од најтрофејните дигачи на тегови е Казахстанецот Илја Илјин, кој минатата година освои златен медал на Олимписките игри во Лондон и притоа собори два светски рекорди, 428 кг во биатлон и 233 кг во исфрлување. Ако би го споредиле со оваа мравка би требало да подигне товар од 4 тона!

Дисциплина: џудо
Натпреварувач: бумбарот еленче
Најистакнати мајстори се Јапонците. Но и од нив има подобри. Сите особини на еден врвен џудист, истражувачите зоолози ги пронашле кај машкиот бумбар еленче, кога се бори за наклонетост на женката во време на парење. Со своите огромни рогови тој се бори некогаш и до смрт. Притоа тогаш тој се труди да го легне противникот на грб и не му дозволува да се крене. Како вистински џудист! Поразениот потоа се елиминира од натпреварот. Бумбарот еленче е вистински спортист. Тој со роговите може да крене 30 пати поголема тежина од тежината на своето тело.

Дисциплина: скок со стап
Натпреварувач: болва
Светскиот рекордер во оваа дисциплина е Сергеј Бубка, кој го држи светскиот рекорд што изнесува 6,14 метри. Светска рекордерка е Јелена Исинбајева со 5,06 метри. Но пред приближно 500 милиони години природата создала исклучителен скокач, а тоа е земната болва. Оваа болва е ненадминлив скокач и има 6 нозе. Тајната на нејзината моќ лежи во нејзиниот орган под опашката, познат под името јадец. Болвата може да скокне во висина од 7,5 сантиметри, што е 25 пати повеќе од нејзината висина. Кога би бил човекот висок околу 2 м, би требало да скокне во висина од 50 метри, ама тој не може да го направи тоа.

Дисциплина: скок во далечина
Натпреварувачи: црвена верверица, црвен кенгур и ракета жаба
Светски рекордери во оваа дисциплина се: Мајкл Пауел (8,95 м), а во женска Галина Чистјакова (7,52 м). Скокот во далечина на верверицата се изведува 15-20 метри над земјата. За правецот и рамнотежата ѝ помага и нејзината голема опашка, која е долга од 15 до 20 см. Со исклучителни резултати може да се пофали и црвениот кенгур, кој може да скокне 12,8 метри, а според должината на телото првото место ѝ припаѓа на жабата ракета, која може да скокне 4 метри, што е 100 пати подолга должина од нејзиното тело.

Дисциплина: нуркање
Натпреварувачи: царски пингвин и морски слон
Нуркањето не е олимписка дисциплина од 1904 година. Единствен спортист што некогаш освоил златен медал во оваа дисциплина е Американецот Вилијам Дики, кој нуркал на 19 метри длабочина. Животински шампион е царскиот пингвин, кој може да нурне до 45 метри длабочина и да остане под површината на водата цели 30 минути. Морскиот слон може да нурне до длабочина од 150 метри и да остане под вода скоро два часа, но тој живее во вода, за разлика од царскиот пингвин, кој живее на копно.

Калина С. Андонова