Обичаите за Водици се изучуваат на европски универзитети

136

Обичаите што со децении, па и со векови, се негуваат во кичевско-бродскиот и мавровскиот регион за верскиот празник Водици, се изучуваат и на најпознатите европски универзитети. Последните десетина години професори од универзитетите во Будимпешта, Унгарија, и во Краков, Полска, присуствуваа на повеќедневните свечености поврзани со одбележувањето на овој празник.

– Колку се автентични обичаите за верскиот празник Водици во нашето село зборува и фактот што за нив владее голем интерес речиси на целиот европски континент, а најдобра потврда беше посетата на професорката од Универзитетот од Краков, Јохана Рехас. Таа со фотодокументација и низ разговори со месните жители собра исклучително богат материјал поврзан со овој празник, за што подготвува специјално издание, со кое уште повеќе ќе се анимираат автентичноста и традициите што се негуваат за Водици, кога во нашето село доаѓаат гости од сите страни, кои уживаат во нашите прекрасни носии, традиционалните обичаи и песни – велат жителите од селото Ехловец.

Уште поголем интерес за овој празник пројави професорката од Универзитетот во Будимпешта, Ана Марија Болја, која две години по ред присуствуваше на Водици во селото Лавчани, во втората година во нејзина придружба беа и студенти од истиот универзитет.

– Водици се вистинско богатство за сите што имаат можност да ги доживеат и да бидат присутни на самото одбележување, кога во селото Лавчани бројот на жители повеќекратно се зголемува и, покрај локалните жители, тука доаѓаат пријатели, познаници и гости од сите краишта во земјава и од странство, како што беше случај претходните две години, кога во нашето село престојуваше и професорката од Универзитетот во Будимпешта, Ана Марија Болја. Таа внимателно ги следеше сите детали од нашите обичаи поврзани со овој празник, најмногу се одушеви од обичајот на капење на кумовите во коритата од селските чешми. Целокупниот престој беше збогатен и со автентични снимки и со видеоматеријали. Ние бевме најпријатно изненадени од нејзиното познавање на обичаите за Водици поврзани со нашиот крај и со документацијата со која располага професорката – вели Младен Ванчоски од селото Лавчани.