Норвешка ја укина апликацијата за следење на коронавирусот

87

Норвешките власти ја укинаа употребата на апликацијата за следење на ширењето на коронавирусот, откако државната агенција за заштита на податоците објави дека тоа премногу навлегува во приватноста, објави „Гардијан“. Апликација за паметни телефони „Стоп за заразата“ беше активирана во април за да се соберат податоци, кои би им помогнале на властите да го следат ширењето на коронавирусот и да ги известуваат корисниците доколку се во близина на заразено лице.

Меѓутоа, деновиве Агенцијата за заштита на податоците издаде предупредување до норвешкиот Институт за јавно здравје, во кое ги известува дека мораат да престанат со собирање податоци преку оваа апликација, по што добиле одговор дека поради ограниченото ширење на вирусот во Норвешка и неуспешноста на апликацијата, поради тоа што ја користеле малку луѓе, не се извршило нарушување на приватноста на корисниците.

Камила Столтенберг, директорка на Институтот за јавно здравство, вели дека не се согласува со оваа одлука, но оти институцијата на чие чело е ќе ги уништи сите собрани податоци и ќе ја изгасне апликацијата. Таа додала дека овој потег ќе ги забави напорите за спречување на ширењето на коронавирусот во земјата.
Инаку, апликацијата ја користеле 600.000 луѓе од 5,4 милиони жители на Норвешка, а нејзината употреба била на доброволна база.