„Нокаут“ со „Сакам да живеам“ победници на „Макфест“

101
 „Сакам да живеам“ е насловот на песната со која групата „Нокаут“ го освои првото место на јубилејниот 35-ти „Макфест“, кој во петокот и саботата се одржа во Штип. Мелодијата, дело на Никола Перевски -Пере и на таткото и синот Огнен и Филип Неделковки, доби најмногу гласови од десетчленото жири и од публиката и освои награда од 5.000 евра. Втор е Ѓоко Таневски со песната „Ден по ден“, на авторите Николче Мицевски и С. Пројковска, што му донесе 3.000 евра, а третонаграден е младиот Омер Џаферовски, кој ја пееше „Ако те изгубам“, исто така на музика на Николче Мицевски и на текст на Весна Малинова Бабамов. По 500 евра добија наградените за најдобар аранжман, кој му припадна на Иле Спасов, за најдобар сценски настап освои Виктор Апостоловски, кој сцената ја делеше со танчарите од „Брејк д флор“, а за најдобар дебитант освои младата пејачка Полина.
 
За атрактивната сцена се погрижи Зоран Тошевски, а и звукот и светлосните ефекти придонесоа за добриот впечаток кај публиката. Првата фестивалска вечер им беше посветена на познатите макфестовски рефрени, за кои нови аранжмани направи Бобан Мирковски, а беа изведени во придружба на „Биг-бенд“, со кој диригираше маестро Љупчо Мирковски. Ги пееја некогашните учесници и победници на „Макфест“: Мики Јовановски-Џафер, Олгица Христовска, Маја Саздановска, Џокси, групата „Интервали“, Лидија Кочовска, Трајче Манев, Дарио, Ристо Самарџиев и оперската певица Виолета Арсовска.
Пред изведбата на „Свирете ја зајди, зајди“, за која музиката ја напиша Драган Вучиќ, низ збор и слика се потсетивме на овој голем автор. А токму со оваа култна мелодија е поврзан и Љупчо Мирковски, кој на фестивалот е присутен сите овие години како композитор, аранжер, придружен вокал и уметнички директор.
– „Макфест“ е еден и единствен, бидејќи издржа 35 години во континуитет со сите тешкотии, а ги имаше многу. Токму затоа не знам зошто многу наши пејачи и автори сега одбиваат да учествуваат на фестивалот, кој ги издигна до врвот на ова наше парче естрадно небо. Убаво е тоа што се појавуваат нови имиња, но „Макфест“ треба да си го врати својот сјај. Тоа е македонскиот препознатлив шлагер од типот на мелодиите: „Признавам не можам без тебе“, „Кога те нема“, „Сонце за три светови“… Песни што и ден-денес се паметат, се слушаат и се пренесуваат од колено на колено – вели Мирковски.
Според него, и во иднина на фестивалот му треба огромна поддршка за да може да ја оствари својата цел, да биде балкански „Сан Ремо“ со голем ревиски оркестар, кој во живо ќе ги придружува и поддржува квалитетните македонски автори и пејачи, кои ќе бидат одбрани од строго квалификувана селекциска комисија.
– Ваквиот пристап ќе му даде на фестивалот доволна тежина што би го довела „Макфест“ на пиедесталот што го заслужува. Тој треба да биде гордост на нашата држава, за кој нема да се грижи само Општина Штип туку и целото македонско општество – додава Мирковски.
За жал, оркестарот и пеењето во живо не ги видовме и слушнавме во саботата, во текот на втората натпреварувачка вечер, кога 24-те нови песни се пееја на плејбек поради пандемијата. Инаку, годинашната фестивалска понуда беше квалитетна и разновидна, за што, секако, најзаслужен е уметничкиот директор Владимир Дојчиновски-Дојчин, кој на оваа функција е веќе трета година.
Сепак, овој пат немаше песни што од прва се лепат за уво, сѐ беше некако побавно, но целокупно фестивалот звучеше современо и во тренд со светските текови.
Освен наградените, одлични настапи имаа и Биба Додева, која досега двапати победила во Штип, Наде Талевска, Димитар Андоновски, групата „Ај кју“, Дац и Александар, овој пат во придружба на дувачкиот оркестар „Брасет“… 
Очекувано, куриозитет на вечерта беше настапот на композиторот Григор Копров, кој ја испеаја својата балада „Ако вечерва пушти солза“.
 
– Ако досега на „Макфест“ биле изведени 1.000 песни, за овие 35 години, колку што и јас континуирано учествувам, околу 70 се мое авторско дело. Овој фестивал е многу значаен за мојата кариера, но и за музичкиот пат на многу мои колеги и пејачи. Токму затоа сакав за јубилејот да се заблагодарам на свој начин и решив тоа да биде со песна. Всушност, опеана е големата љубов на еден мој пријател штипјанец, Илија Џонов, една вистинита приказна – откри Копров. 
Во паузата за гласање шоу пред штипската публика имаше Игор Џамбазов, кого го придружуваа на гитара Игор Атанасоски Харе и Александар Таушанов. Тој рече дека со Штип и со „Макфест“ го поврзуваат многу песни, текстови и спомени, а легендарната „Време за плачење“ ја отпеа заедно со публиката. Ги слушнавме и „Диши длабоко“ и „Опасно сум вљубен во тебе“ на Драган Каранфиловски-Бојс.