Нов успешен настап и златно одличје за танчарите од „Денсерс јунајтед“ во Римини

111

Танчарите со даунов синдром од „Денсерс јунајтед“ (Dancers United), заедно со нивните ментори и родители, во четвртокот ја започнаа авантурата за добивање на уште едно признание за нивниот труд, пожртвуваност и талент.

Во Римини, Италија, во рамките на Европското првенство во хип-хоп, на кое имаше и Светски Куп за паратанц – хип хоп група, овие танчери полни со желба за победа и афирмација повторно го освоија златниот медал!

Овие достигнувања се признание на трудот и упорноста на „Денсерс јунајтед“ кои веќе шеста година успешно работат на инклузија на овие лица и можностите на лицата со попреченост. Воедно, ова го прави „Денсерс јунајтед“ трофеен клуб сo најсјајсни европски и светски одличја.

Групата минатата година ги освои трофеите за европски шампиони (мај/Џенова, Италија) и светски шампиони (октомври/Киелце,Полска) додека латино јуниорската група со типичен развој во март годинава на Европското првенство во Москва се искачи на второто место во категорија „Латин шоу“ и второ место во модерен балет – соло девојки постари младинци.

– Приказната продолжува, целта е што повеќе луѓе да слушнат за нашите шампиони и што повеќе луѓе ни се приклучат во идејата на нашиот општествено одговорен инклузивен танцов клуб, а тоа е едно еднакво општество за сите – порачуваат членовите на тимот на „Денсерс јунајтед“.