Нов бран музички креации со „Д мол пек“

56

Нов бран музички креации е во подем од новосоздадениот авторски бенд „Д мол пек“. Бендот штотуку го сними својот прв албум „Gambling Man“, кој е инспириран од прогресивната блузрок-сцена од доцните 1960-ти и раните 1970-ти години. Албумот се состои од девет песни во кои покрај блуз и рок има доза фанк, соул, па дури и малку кантри-влијание.

Бендот се состои од: Димитар Даневски (ритам и соло-гитара), Александар Ѓорѓиески (вокал и усна хармоника), Теодор Бошков (бас-гитара) и Глигор Динев-Гишо (тапани). Пријатели и музичари што имаат значајна улога и ја комплетираат групата се: Дарко Стојоски (ритам и соло-гитара), Златко Андријевски (ритам и соло-гитара), Бранко Сапламаев (клавијатура), Влатко Сапламаев (клавијатура) и други блиски пријатели.

– Нè собра Димитар, кој е веќе долго време блуз-фанатик, и го напиша целиот материјал за албумот. Пред сè, сите ние сме блиски пријатели, па музичката конекција и разбирањето дојдoa природно – вели Александар Ѓорѓиески, главниот вокал на бендот.