Нови европски филмови и одлична музика на „Бич филм-фестивал“

188

Гледање нови европски филмови под ѕвездите, шизење со одлична музика се’ до изгрејсонце и сето тоа на плажа. Ах, колку летно звучи ова, а ќе се случува викендов што е пред нас, од 19 до 22 јули, на „Бич филм-фестивал”.

На првото издание на овој фестивал ќе се прикажуваат филмови кои оствариле голем успех, па така првата фестивалска вечер ќе започне со проекција на хрватскиот филм, „Осмиот комесар”, на која ќе присуствува и режисерот на овој филм, Иван Салај. Во натпреварувачкиот дел на „Бич филм-фестивал”, ќе има и филмови од Турција, Данска, Англија, Естонија, како и многу други земји. Многу гости од филмската индустрија ќе гостуваат на овој настан, како на пример, Стоја, Лазар Бодрожа, Беверли Лавли, Артур Страхков, а жири комисијата е составена од
реномирани имиња од филмската идустрија: Јелена Јованова, Марјан Алчевски и Весна Дамчевска.

Во ревијалната, последна вечер, ќе се прикажува филмот „Исцелител”, која ќе ја има својата премиера пред охридската публика. Интересно е што во петок, на 20ти јули, филмот „Холидеј”, посетителите ќе имаат можност да го погледнат на бродот  „Галеб”, кој ќе плови на релација Охрид- плажа Оревче. Останати долгометражни филмови кои ќе се прикажуваат се: “Digging”, “Ederlezi Rising”, “ Wish to wash with the rain”, како и неколку краткометражни филмови.

После секоја проекција на филмовите, ќе следат настапи на македонски и интернационални изведувачи, како на пример: RIB, Cyrillic, Palindrom, DJ Klara Vedis, Sajsi MC, Foltin и други. Овој фестивал ги спојува музиката и филмот на плажа. Но, на „Бич филм-фестивал”, ќе има и дневни активности, т.е. работилници: Работилница за актерска игра за средношколци, работилница за документарен филм, на која студентите ќе можат да научат повеќе за основите во создавањето на документарен филм, продукција, режија, работилница за актерска игра за деца од 11- 14 години.
Програмата на овој фестивал е разновидна и за сечиј вкус. Четири дена исполнети со позитивна енергија, каде ќе се испреплетат музиката и филмот.