Ник Кејв ѝ подарил 5.000 книги на Данската кралска библиотека

34

На веб-страницата „Реде хенд филс“ еден обожавател го прашал познатиот австралиски музичар, композитор, писател, сценарист и глумец Ник Кејв (63) дали може да направи список на 40 книги што најмногу ги сака.
– Порано, за да одговорам на ова прашање, едноставно ќе отидев до полицата со книги и ќе одберев 40 наслови. Меѓутоа, сега моите полици се празни. Повеќе од 5.000 книги што ги собирав во текот на изминатите години ги испратив во Данската кралска библиотека во Копенхаген.

Сега се дел од волшебната изложба „Странец од љубезност“. Без библиотеката пред мене тешко ќе направам ваква обемна листа на моите 40 омилени книги. Најдобро ќе биде да нафрлам еден куп наслови што ќе ми паднат на ум, што сум ги сакал од оваа или онаа причина – напишал Ник Кејв.

По малку следувал уште еден одговор, во кој тој вели дека, сепак, одбрал 50 омилени книги, а некои од нив се: „Инферно / Од окултниот дневник“ – Аугуст Стриндберг, „Високи прозорци“ – Филип Ларкин, „Поеми“ – Емили Дикинсон, „Моби Дик“ – Херман Мелвил, „Добрата божја птица“ – Џејм Мекбрајд, „Светилиште“ – Вилијам Фокнер, „Раскази“ – Антон Чехов, „Слаб оган“ – Владимир Набоков, „Убиецот во мене“ – Џим Томпсон, „Ариел“ – Силвија Плат…