Не е само Фејсбук виновен за осаменоста кај младите

159

Социјалните мрежи не се јасен показател дека нивната честа употреба има врска со поголема осаменост, затоа што и оние што најмногу ги користеле имаат еднаков индекс на осаменост како и лицата што помалку го прават тоа

Социјалните мрежи не се единствениот индикатор за тоа дека нивното често користење доведува до поголема осаменост. И оние што најмногу ги користеле социјалните мрежи имаат еднаков индекс на осаменост како и лицата што помалку го прават тоа.
Генерација З обично се смета за група родена од средината на 1990-тите до раните 2000-ти, но сѐ уште нема консензус за тоа кога е завршена. Пред тоа пристигна една генерација наречена „милениумци“, за кои се смета дека се желни за патување, самопромоција, постојано напредување, работа што не е „од 9 до 17“ и не сакаат да се премногу долго врзани за едно место.

Од друга страна, тие постојано се под притисок кога конкуренцијата им е премногу силна. Една од карактеристиките на таквите генерации во развиениот свет е дека нивните телефони се практично продолжување на нивните раце – тие комуницираат, работат и „постојат“ преку социјални мрежи и апликации.
Поради оваа причина, многу експерти со години зборуваат за нивната социјална изолација и се обидуваат да докажат дека социјалните мрежи ги отуѓуваат помладите генерации, дека многу малку се дружат во живо, а и кога ќе се видат гледаат само во телефоните.

Сепак, последната анкета, спроведена меѓу 20.000 возрасни Американци (постари од 18 години), покажува дека социјалните мрежи не мора да бидат причина за осаменост.
Тогаш, што ги доведува младите да се чувствуваат поосамено дури и од пензионерите?
Едно неодамнешно истражување покажа дека речиси половина од испитаниците (46 проценти) „понекогаш“ или „секогаш“ се чувствуваат осамено, а 47 отсто рекле дека често се чувствуваат исклучено. Еден од четворица испитаници (27 проценти) ретко или никогаш нема чувство дека некој го разбира како се чувствува, а двајца од пет испитаници понекогаш или секогаш чувствуваат дека нивните односи со луѓето немаат смисла и значење, а речиси половина (43 проценти) кажале дека се чувствуваат изолирано од другите.

Еден од пет испитаници одговорил дека ретко или никогаш не се чувствува блиско и интимно со други луѓе. Испитаниците што не живеат сами тврдат дека ретко се чувствуваат осамено, додека 43 отсто од самците открија дека честопати се чувствуваат осамено.

Најмладите возрасни лица се најосамени, но немаат никаква врска со социјалните мрежи. Само половина (53 проценти) од анкетираните Американци изјавиле дека чувствуваат оти имаат значајни односи со други луѓе, како што се разговори со пријатели или квалитетно време поминато со членовите на семејството.
Во однос на испитаниците што имаат меѓу 18 и 22 години (генерација З), испитувањата покажаа дека се најосамени. Исто така, нивната здравствена состојба е полоша од онаа на постарите од нив.

Социјалните мрежи не се јасен показател дека нивната честа употреба има врска со поголема осаменост, затоа што и оние што најмногу ги користеле имаат еднаков индекс на осаменост како и лицата што помалку го прават тоа. Социјалните мрежи дури и помагаат во комуникацијата доколку се користат паметно, односно да комуницирате со луѓето, да разговарате, а не само „бесмислено“ да се губи време на нив.
Според стручњаците, она што влијае на чувството на осаменост се три поврзани фактори, и тоа физичкото и менталното здравје и нивото на социјализација, т.е. задоволување на потребите на овие три области.

Од спроведеното истражување, произлегоа неколку важни лекции.
Меѓу работите што влијаат на нашите чувства се: квалитетен сон, рамнотежа меѓу работата и одморот, односно приватниот и деловниот живот, квалитетно и доволно време поминато со семејството, со пријателите и доволно време посветено на себеси. Најважно е да се задржи рамнотежата на овие области и да не се занемари или претерува со ниту една од нив, тврдат авторите на студијата.