Неуспешната амбиција „Мидвеј“ да биде воен филм

59

Во најмала рака, „Мидвеј“ на Емерих се обидува да обезбеди историски најпрецизна слика за овој настан, дури и на самиот почеток од филмот назначува дека ова е „најточната приказна за она што се случило во битката за Мидвеј“. И ова навистина би функционирало далеку подобро доколку продукцијата се одлучеше овој филм да биде всушност мини-серијал

Кога првпат беше пуштен трејлерот за филмот „Мидвеј“, филмската публика, особено љубителите на воените филмови, беа значително возбудени за потенцијалниот свеж приказ на една од најголемите битки на Пацификот во која САД извојуваа голема победа над Јапонија, битката што го одреди понатамошниот тек на Втората светска војна. Но дали оваа нова верзија на „Мидвеј“ во режија на Рон Емерих ги задоволува очекувањата на оние што го гледале истоимениот филм од 1976 година?
Публиката и овој пат е поделена во ставовите. Секогаш ќе постојат оние луѓе на кои им е важно да гледаат целосно квалитетен производ, почнувајќи од сценариото, па до специјалните ефекти, и оние што одат во кино со пониски очекувања, оправдувајќи ги недостатоците со објаснување дека некои филмови се едноставно визуелно фантастични акции.

А Роланд Емерих е познат токму по тој тип филмови. „Денот на независноста“, „Годзила“, „Падот на Белата куќа“, „2012“, „Денот по утре“… се јасен приказ на неговата страст за филмови за природни катастрофи, напади на вонземјани и приказни за крајот на светот, а „Мидвеј“, иако со амбиции да биде воен филм, сепак не излегува далеку од рамките на неговата препознатлива категорија. Во најмала рака, „Мидвеј“ на Емерих се обидува да обезбеди историски најпрецизна слика за овој настан, дури и на самиот почеток од филмот назначува дека ова е „најточната приказна за она што се случило во битката за Мидвеј“. И ова навистина би функционирало далеку подобро доколку продукцијата се одлучеше овој филм да биде всушност мини-серијал.

Иако најголемата мана на овој филм се самото сценарио, слабите дијалози и клише „херојски“ реплики, „Мидвеј“ на Емерих се соочува и со премногу ликови, премногу случки, хаотично распределени, не давајќи му простор да гледачот да здивне и да го перципира текот на приказната, наедно губејќи го помеѓу голем број лица, кои е тешко да се запомнат.

Кастингот е исто така слабост на овој филм. Иако имаме можност да видиме имиња како Ед Скрејн, Патрик Вилсон, Лук Еванс, Арон Екарт, Вуди Харелсон и уште поголем број помлади актери, се чини дека распределбата на актери и ликови не била осмислена како што треба. Постојат одлични актерски имиња, кои се појавуваат премногу кратко и исчезнуваат многу бргу. Публиката нема можност од филмот да сфати што се случува со нив, па треба да чека до самиот крај, кога се искористени фотографии од вистинските луѓе до кои стои текст што ја раскажува нивната судбина. Ангажирани се и актери што воопшто не одговараат на улогата што им е доделена, па земајќи предвид дека ова е филм според вистински настан и вистински луѓе, неправилниот кастинг е ризик за тоа како ќе ги доживее публиката овие ликови. Така, можеме само да се надеваме дека Ричард Дик Бест бил многу повеќе од дрзок, талентиран пилот со лош акцент и опсесија со мастики.

Овој пропуст може да се препише на краткото времетраење на филмот, што иронично дава чувство дека е многу подолг отколку што е, и желбата на режисерот прецизно да ја пренесе приказната за битката за Мидвеј. Неговата идеја да бидат прикажани што е можно повеќе луѓе и повеќе ситуации, како од американската, така и од јапонската страна, резултира со слабо изградени карактери и уште послаб текст, кој не успева да изгради никаква тензија кај публиката, ниту пак емотивна поврзаност со ликовите.

Токму затоа, овој филм можеби ќе функционираше подобро како серија, каде што секој сегмент би го добил потребното внимание. Во однос на визуелните ефекти и работата на директорот на фотографија, во најголемиот дел, работата е завршена солидно. Иако постојат моменти кога специјалните ефекти се видливи, особено во првата третина од филмот, се чини дека во остатокот овој проблем е надминат. Камерата е одлична и успешно создава адреналински моменти, а битките, бомбардирањата и пукотниците се можеби и најдобрата страна на овој филм.

„Мидвеј“ исто така се соочува и со одредени пропусти во обработката на звукот, особено во некои делови каде што гласот на ликовите не е добро синхронизиран со сликата, но затоа, пак, музиката на Томас Вандер и Хералд Клосер е повеќе од одлична. На крајот, навистина сѐ се сведува на очекувањата на гледачот. „Мидвеј“ е далеку од ремек-дело, можеби и не може да се нарече добар воен филм, но е одличен за оние што уживаат во акциони сцени со воени авиони и ништо повеќе.