Несудениот актер одбележува 35 години успешна музичка кариера

288

Гости на вечерашниот јубилеен концерт во центарот на Куманово на Нино ќе му бидат: Виолета Томовска, Маргица Антевска, Наум Петрески, октетот „Куманово“, „Кумановските тамбураши“ и нивните колеги од групата „Велос“ од Нови Сад и оркестарот „Пријатели“. Промоцијата на двојниот албум, пак, ќе биде в сабота напладне, во ресторанот „Грација“ во неговиот роден град

Нино Величковски

Антологиските „Свирете ми тамбури“, „Бабино девојче“, „Уште еднаш“, „Не се трпат немири“, „Малку треба“, „Нова песна за Куманово“, „Сега е веќе доцна“, „Кажи ми, Лено душо“…, како и неколку нови рефрени(„Магнет“, „Лина“, „Гушни ме како тогаш“, „Жал за Марика“…), се најдоа на двојното цеде „Стара љубов“, кое го издаде познатиот пејач на народна музика Нино Величковски и со кое одбележува 35 години успешна музичка кариера.

За своите кумановци, но и за сите обожаватели од цела Македонија и пошироко, Нино овие песни ќе ги отпее на својот голем јубилеен концерт под ведро небо, по една за секоја година на естрадата, кој ќе се одржи вечерва, во рамките на 14-от Тамбурашкиот фестивал, на градскиот плоштад во Куманово, чиј идеен творец е токму тој. „Нино и пријателите“ е насловна вечерашната средба за паметење, на која тој ќе подари дел од своите спомени, многу емоции и понекое изненадување за публиката. На концертот, заедно со него на сцената ќе запеат неговите колеги: Виолета Томовска, Маргица Антевска, Наум Петрески, октетот „Куманово“, чиј член беше долги години, се разбира „Кумановските тамбураши“ и нивните колеги од групата „Велос“ од Нови Сад, Србија, како и оркестарот „Пријатели“. Промоцијата на двојниот албум, пак, ќе биде в сабота напладне, во ресторанот „Грација“ во неговото родно Куманово.

„Музиката е стара љубов на Нино. Со неа се буди и заспива веќе 35 години. Секогаш дотеран, костум боја шербетна, нова кошула, соодветна вратоврска – насмеан и позитивен, верен на своите идеали и на својата верна публика. Благодарен, за нотите што за него ги откорнаа од своите срца Мичо, Барбар, Копров, Цане, Филип, восхитен од зборовите на Огнен, Љубе, Ѓорѓи, Которчевиќ… Задоволен од себе и од својата кариера. Боем, кој ги сака виното и друштвото, а ужива во прегратката на секоја убава жена. Пријател на тамбурата, верен на традицијата, а модерен, на свој романтичен начин…“, напиша специјално за оваа пригода Огнен Неделковски, кој цели 25 години соработува со познатиот пејач, кој досега отпеал педесетина песни на негови стихови. Но за да биде целосна приказната, традицијата ја продолжува и синот на Огнен, Филип, кој компонира две нови песни за Величковски. А токму Нино беше и сведок на љубовта на неговите родители Огнен и Соња Неделковски на „Валандово“, таа 1996 година.

Но да се вратиме уште поназад, во 1983 година, кога со октетот „Куманово“, каде што членуваше, Нино ја отпеа „Кажи ми, Лено душо“ на Миодраг Миќо Божиновски, кој ја откри неговата пејачка дарба, а во1987 дебитира на фолк-фест „Валандово“ со „Сега е веќе доцна“. Но песната што ширум му ги отвори вратите на успехот е „Бабино девојче“, а по неа и „Свирете ми тамбури“, на Божиновски, на текст на Љубе Цветановски, кои се веќе обнародени и прогласени за песни на столетието. Лани Нино ги сними со големиот тамбурашки оркестар на РТ Војводина, за компилација заедно со 16 најпознати пејачи од регионот.

Во 1990 година почна да соработува и со други автори и да го гради својот единствен, препознатлив стил меѓу пејачите на народна музика во Македонија. И така, песна по песна, нивната досегашна бројка е за почит: со октетот „Куманово“ се реализирани над 230, а самостојно повеќе од 150 песни. Добитник е на голем број награди и признанија и неколкукратен победник на фестивалот „Валандово“.

– Изминатите 35 години минаа како еден миг и на секоја нова песна ѝ се радував како на нова рожба. Токму затоа на јубилејниот концерт пеам „А кога нарцисот ќе свене, кога ќе ме нема мене, песните ќе живеат…“. Но имам јас уште многу за пеење, како и досега, пред сѐ за љубовта, која, нели, има повеќе видови, но јас најмногу пеам за жените. Не е случајно што двојниот албум има наслов „Стара љубов“, а во спотот за оваа песна учествуваат моите три внучиња: Бела, Мила и Огњен, мојата гордост. Овие 35 песни се најдоброто од мене во изминатите години, со посвета до слушателите „Од Нино, со љубов и вино“ – ни рече Величковски.

Тамбурите, оние на Шојиќ, кои, за жал, веќе нема да ги слушаме, но и многу други често се дел од неговите песни, па каде и да се слушне дека ќе гостува Нино, тоа е гаранција за одлична забава. Но и самата негова појава шири ведрина и позитивна енергија.

– Јас живеам не од, туку за музиката, а публиката го чувствува тоа и го враќа. Незаборавни се миговите кога пеат со мене многу грла на концертите. Можеби звучи како клише, но јас сакам да ги паметам убавите нешта, оптимист сум по природа, но не ми бил секогаш животот песна. Често ме немаше дома кога бев потребен, знам, сум им недостигал на децата. Но тоа е нашиот естраден леб со седум корки, горчлив е понекогаш, а приватниот живот страда – открива тој.

Дарбата за пеење Нино, или Нинко, како што е неговото крстено име, ја наследил од мајка си Лилјана, по потекло велешанка, која била голема песнопојка и убавата народна песна често се слушала во нивниот дом. Сепак, татко му не бил најсреќен кога од Нино го баталил бизнисот и ѝ се посветил на музиката.

– Кога одлучив да ѝ се посветам на песната, татко ми Бранко не беше многу задоволен, но подоцна, кога постигнав успех, кога станав познат, ми призна дека се гордее со мене. А јас сум работел сѐ и сешто, бев и успешен бизнисмен, а веќе четири години сум директор на Фондацијата за култура и за спорт во Куманово, во рамките на локалната самоуправа – вели Величковски.

Тој ни ја откри и неговата најголема неостварена желба – да стане професионален актер, иако досега одиграл над 100 улоги во театарот во Куманово, а во некои од нив соработувал со врвни глумци и режисери. Ја делел сцената и со Ристо Шишков, Чоревски, а глумел во претстави на Милчин, Унковски, Ацо Алексов….

– Жалам што не станав актер, но, ете, таа 1976 година не ме примија на Академијата за глума, иако театарот сѐ уште е мојата голема љубов. Сепак, на концертот ќе има едно изненадување, на кумановски дијалект ќе кажам еден монолог, стихови на нашиот поет Звонко Стојановски (…како славејче ми е срце, а душа ко зора, у глас се претворија цел мерак…). Од 1973 до 1986 година сум играл како глумец во многу театарски претстави: „Мајка храброст, „Сламена шапка“, „Пасквелија“, „Хај-фај“, „Поглед од мостот“, „Сребреното јаболко“, а во „Сомнително лице“ имав чест да глумам со легендарниот Петре Прличко. Ова театарско искуство доста ми помага да бидам што повпечатлив на сцената. Бев и водител, а мразот го скршив во 1996 година на кумановска ТВ Зора, во емисијата „Фолк-муабети“, па на Сител во емисијата „За своја душа“, а годинава со Ирена Спировска го водев фолк-фест „Валандово 2018“. Добивам понуди и за нови проекти – вели тој.

На крајот го прашавме Нино дали е среќен човек.

-Да. Имам семејство, внучиња и отпеано многу убави песни што ќе останат да живеат по мене. Може ли да се посака повеќе од тоа – ни рече Нино.


Замолкна тамбурата на Шојиќ

Тамбурата на Шојиќ, опеана во песната „Свирете ми тамбури“ на Нино Величковски, замолкна засекогаш. Познатиот музичар, по кратко боледување, завчера, на 68-годишна возраст, ја загуби последната битка.
Драгомир Шојиќ-Шојка е роден во 1950 година во Куманово. Завршил нижо музичко училиште во родниот град и средно музичко училиште во Скопје, отсек виолина. Професионално се занимавал со музика, свирел во повеќе кумановски групи и оркестри. Во 1968 година бил еден од основачите на првата рок-група во Куманово, „Глечери“, а потоа членувал и во поп-групата „Нај, нај“. Настапувал на „Заечарска гитаријада“ и други престижни рок-манифестации во земјава и во странство.
Во 1986-та влегува во тамбурашката музика и го формира Тамбурашкиот оркестар на Драгомир Шојиќ. Се смета за зачетник на тамбурашкото музицирање во Куманово, поради што редовно учествува на Кумановскиот тамбурашки фестивал, но и на сите други познати тамбурашки фестивали на Балканот и пошироко. Има освоено повеќе награди и признанија.
Смртта го спречи да учествува на годинешниот Тамбурашки фестивал во Куманово, каде што требаше да биде специјален гостин на два оркестра.
Погребот е извршен вчера на Градските гробишта во Куманово.