Непокорниот дух на Сваните

707
Фото: Дарко Андоновски

„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВЕ ВОДИ НИЗ ГРУЗИЈА (4)

Сванети е највисок и еден од најживописните региони на Грузија, дом на народот наречен Свани, храбри, горди и достоинствени луѓе, кои со векови опстојуваат на овој простор, успешно одбивајќи ги нападите на многубројните непријатели што се обидувале да ја освојат нивната земја

Текст и фото:
Дарко Андоновски

Речиси на крајниот северозапад на Грузија, скриена длабоко во прегратките на моќниот Кавказ, како во некоја природна тврдина опкружена со планински врвови високи и над 4.000 метри, е вгнездена областа Сванети. Сванети е највисок и еден од најживописните региони на Грузија, дом на народот наречен Свани, храбри, горди и достоинствени луѓе, кои со векови опстојуваат на овој простор, успешно одбивајќи ги нападите на многубројните непријатели што се обидувале да ја освојат нивната земја. Поради својата изолираност, тие изградиле сопствена култура, традиција, свој јазик, обичаи. Но и врвни човечки вредности. Тука зборовите чест и достоинство го имаат она свое вистинско значење и не се само заборавени термини во некој зафрлен и со прашина прекриен речник, а дадениот збор има поголема вредност од парите.

Сванети е област, која практично со векови не го сменила својот облик. Иако во последните десетина години започна да се развива туризмот, доаѓаат луѓе од целиот свет, сѐ уште во голем дел од Сванети, животот речиси со ништо не се разликува од оној низ вековите во минатото. Сванети е, веројатно, последното место во Европа каде што принципите и вредностите на традиционалниот живот сѐ уште успешно им пркосат на современите „придобивки“ на цивилизацијата.

Единствениот пат што остатокот од светот го поврзува со Сванети тргнува од гратчето Зугдиди и нѐ води низ живописниот кањон на реката Енгури. Растојанието од Зугдиди до Местија, минијатурната престолнина на Сванети, е 140 километри. Во минатото овој пат бил во многу лоша состојба и по него случајните патници, но и намерниците, многу тешко можеле да минат. Да се помине тука било уште потешко ако тоа не им се допаѓало на самите Свани. Денес овој пат е асфалтиран, или поточно, направен е од армиран бетон, како и сите патишта што водат низ снежните планински предели на Грузија. Со нашата пренатоварена „форд фиеста“ се движиме внимателно и бавно.

Мокриот коловоз и честите одрони ни укажуваат дека тука неодамна имало обилни врнежи. Патот во најголем дел е добар, но има и делници каде што подлогата е сериозно оштетена. На некои места одронот бил толку голем што недостигаат цели делови од коловозот па јас и Диме мораме да излеземе за да ја растовариме колата.

Многубројните тунели, прокопани низ карпестите планини, онака сурови, небетонирани и без онаа тунелска инфраструктура на која сме навикнати, само ја нагласуваат драматичноста на сликата што нѐ следи возејќи се кон Местија. Сообраќај речиси и да нема. Освен со понекој камион или патничко комбе, разминувањето со други автомобили е многу ретко. Одвреме-навреме наидуваме на малечки продавници, сместени покрај патот, во кои може да се испие кафе, да се купат некои од основните продукти, но и да се купи бензин, складиран во буриња и канти, затоа што тука нема бензински пумпи. Високите планини, кои се надвиваат над патот и се обраснати со столетна шума, во голема мера ни го стеснуваат хоризонтот, а таму некаде, којзнае колку десетици метри подолу, се слуша силниот звук на реката Енгури. Повремено патот се спушта до самата река, што ни дава можност да ја почувствуваме нејзината огромна моќ, која предизвикува чувство на страхопочит. Додека се движиме, Диме, главниот „виновник“ за ова наше патување во Грузија, се обидува да го добие Лаша Чарквијани, локален жител на Местија, кој би требало да ни помогне полесно да се снајдеме во Сванети. По неколку обиди и прекини поради недостапност на телефонската мрежа, успева да се договори за местото каде што ќе се најдеме. Како што се приближуваме кон Местија, хоризонтот станува сѐ поширок, а пред нас се отвора импозантен поглед со прекрасни алпски пејзажи во кои доминираат непрегледни ливади, понекое село, а високо над нив небото го параат врвовите на грандиозниот Кавказ, прекриени со вечен снег. Во Местија пристигнуваме дури некаде околу 7 часот попладне. Цели четири часа ни требаа за да изминеме 140 километри. Да, и денес, во 21 век, во Сванети не се доаѓа толку лесно…

На главната улица, како што е договорено, нѐ пречекува Лаша.

– Добредојдовте Македонци, како патувавте? Со оваа кола ли дојдовте од Македонија? – нѐ прашува низ насмевка, додека ни покажува каде да се паркираме.

Ни помага да се сместиме во една куќа веднаш спроти неговата и нѐ кани дома. Во неговиот дом нѐ чека полна трпеза, домашна чача (грузиска ракија), домашно вино и топлата насмевка на неговата сопруга Нино.

Лаша е 45-годишен Сван, раководител на градежен објект, кој со својата сопруга Нино и нивните два сина живее во Тбилиси, но голем дел од годината поминува тука, во нивниот роден крај. Острите црти на лицето, бистриот поглед и сигурната интонација при говорот ни оставаат впечаток дека станува збор за интелигентен човек со сериозно животно искуство. Додека ни наздравува со првата чача, која тука ја прават од сливи и никогаш не е под 60 проценти алкохол, ни посакува добредојде и започнуваме разговор. Отпрвин, онака, помалку куртоазно и резервирано, разговараме за општи теми. Како патувавте, како се живее кај вас во Сванети, како е кај вас во Македонија, како било порано, како е сега, за брзо да сфатиме дека помеѓу нас Македонците и нив Сваните, иако живееме на речиси 2.500 километри оддалеченост, има многу сличности. По кратко време првичната резервираност исчезнува, а со секоја измината реченица добиваме впечаток како да сме меѓу луѓе што ни се пријатели цел живот. Гостопримството што се забележува низ секој гест на Лаша и на Нино, искреното задоволство што сме гости во нивниот дом, и сето тоа манифестирано на еден спонтан и ненаметлив начин, е нешто што не може да го замени ниту една од оние ѕвездички закачени на фасадата на некој од луксузните хотели низ светот, а прекрасниот мирис и вкус на традиционалната сванска храна, зачинети со добра чача и вино, амбиентот на нивната семејна куќа го претвoраат во место што во моментот не би го замениле со ниту еден ресторан.

И додека ние љубопитно пробуваме од сите видови јадења, Лаша со нескриен жар ни раскажува за Сванети, за славното минато на неговиот народ, за нивните предци.
– Сваните отсекогаш биле многу силни луѓе, добри ловци, вешти и храбри војници. Никогаш никој не успеал да ги покори. Секогаш, во војните што Грузија ги водела со разни освојувачи, Сваните најмногу се истакнувале. И денес специјалните единици на грузиската армија во својот состав имаат најмногу војници од нашиот крај. За време на многубројните инвазии на Персијците, Турците, Монголите, тука во Сванети се криело богатство од цела Грузија, за да не падне во рацете на непријателот. Тоа најчесто биле вредни икони, стари ракописи, предмети од злато и сребро, накит, и сѐ што имало некаква религиозна или уметничка вредност. Дел од тие вредни работи и денес се чува во музејот на Сванети. Уште од дамнешни времиња Сваните ги викале чувари на Грузија – раскажува Лаша.

Додека седиме и разговараме, повремено станува од столот и нѐ замолува за малку внимание. Тоа е момент кога се кажува здравица, односно тост. Или на јазикот на Сваните – ламзараш. Кажувањето по неколку здравици додека се седи во друштво е обичај во цела Грузија, но и тука во Сванети.

– Кај нас во Сванети, задолжително се кажуваат три тоста. Првиот е за Господ Бог. Вториот е за ангелите чувари, а третиот за св. Ѓорѓи. Свети Ѓорѓи е најголемиот светец во Сванети, но и во цела Грузија. Тој е бог на мажите, на воините. Го славиме за да се раѓаат повеќе машки деца, да бидат силни за да можат да ја штитат својата татковината. Во Сванети најголемиот број цркви му се посветени нему – ни објаснува Лаша. Како што изминува времето се редат и тостовите. Четвртиот тост е за семејството, да е здраво, среќно, да има поколение… Петтиот е за предците, затоа што ако го заборавиме минатото, не можеме да имаме иднина и затоа што нашите предци се труделе и макотрпно работеле, за ние да го имаме ова што го имаме денес. Шестиот е за нашата дружба. Седмиот за нашите деца, да бидат здрави и среќни и да направиме сѐ за да израснат во добри и чесни луѓе.

Времето ни минува брзо. Веќе одамна сме во нов ден. Замореноста од патот полека го зема својот данок. Му се заблагодаруваме на Лаша за преубавата вечер и накратко му објаснуваме што ни е планот за наредниот ден.

– Утре сте првин тука на појадок, а после тоа ќе се договориме – ни вели.

На нашиот обид да му објасниме дека нема потреба да приготвуваат појадок и дека не сакаме да им создаваме обврски, наместо одговор добиваме насмевка. Онака, како што професор по физика му се насмевнува на дете од претшколска возраст додека тоа му објаснува како ја разбира квантната механика…

– Наспијте се убаво, одморете, па кога ќе станете од спиење ќе појадуваме тука, а после ќе има време за сѐ – со мирен глас и не симнувајќи ја насмевката ни кажува по вторпат, овој пат сигурен дека сме го разбрале. И ние сме сигурни дека понатамошното убедување би било залудно…

Сваните ги бие глас дека се тврдоглави и многу незгодни луѓе. Дека се последните со кои би сакале да влезете во конфликт или расправија. Така барем ни кажуваа додека патувавме низ другите делови на Грузија. Но тоа се само легенди и приказни. Нашиот впечаток од вечерта помината со Лаша и со Нино, но и од другите денови поминати низ Сванети, е дека Сваните се најдобрите и најчесни луѓе со кои сме имале можност да се сретнеме. Навистина знаат да бидат тврдоглави, но само доколку сакате да го одбиете нивното гостопримство.

Пред нас се уште два дена во кои покрај во друштвото на овие добри луѓе, имаме можност да уживаме и во неповторливите пејзажи на Кавказ, во импозантноста на неговите врвови, меѓу кои се издвојуваат преубавата Ушба, висока 4.700 метри, и највисокиот врв во Грузија, Шкхара, висок 5.192 метри. Имаме можност да ја почувствуваме моќта на многубројните реки што се раѓаат со топење на глечерите, да го почувствуваме мирисот на прекрасните ливади, да ги посетиме сванските села во кои доминираат карактеристичните одбранбени кули наречени кошки и да ѝ се восхитуваме на архитектурата стара повеќе од еден милениум. Да го доживееме амбиентот на Ушгули, највисокото постојано населено село во Европа.

Екипа на „Нова Македонија“:
Дарко Андоновски
Димитар Васевски
Звонко Младеновски

Продолжува…