Непокорниот дух на Сваните (2)

249
Селото Ушгули се наоѓа во подножјето на врвот Шкхара, висок 5.193 метри

„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВЕ ВОДИ НИЗ ГРУЗИЈА (5)

Сванети е највисокиот и еден од најживописните региони на Грузија, дом на народот наречен Свани, храбри, горди и достоинствени луѓе, кои со векови опстојуваат на овој простор, успешно одбивајќи ги нападите на многубројните непријатели што се обидувале да ја освојат нивната земја

Текст и фото:
Дарко Андоновски

Вториот ден од нашиот престој во Сванети го користиме да ги истражиме Местија и околните планини. Откако појадувавме, Лаша, поради неодложни обврски, мораше да замине на работа, а друштво ни правеше неговиот постар син Ѓорѓи. Планот е да се качиме на Зурулди, врв висок 2.340 метри, од каде што се простира најубавиот поглед на врвот Ушба, кој е планински симбол на Сванети и кој поради неговата форма го викаат кавкаски Матерхорн. Покрај Ушба, од Зурулди погледот дофрла и до другите високи врвови на Кавказ, но и врз цела Местија. Идеално место да направам фотографии што ми се потребни за репортажа. Од Местија до Зурулди се искачуваме со жичница, која функционира преку целата година и е во рамките на тукашниот скијачки центар.

Додека патуваме, разговарам со Ѓорѓи за тоа каков е животот на еден млад човек во Сванети и, општо, во Грузија. За разлика од Лаша, со кого разговараме на руски, со Ѓорѓи комуницирам на англиски.

Иако и тој знае руски, со англискиот му е многу полесно. Ми раскажува за тоа дека е студент, дека поради добрите резултати што ги има на факултет наскоро ќе оди на наградна екскурзија во Лондон и дека е многу среќен поради тоа. Исто така, Ѓорѓи е член на фолклорна група што го негува традиционалниот свански мелос.

– Мораме да ја чуваме нашата традиција. Ако не ја чуваме ние самите, нема кој друг – ми објаснува.

Го провоцирам дека е време на глобализација и дека се шират универзални вредности.

– Секое ширење на културата низ историјата било некаков вид глобализација. Така било во времето на сите големи цивилизации. Секоја цивилизација носи свои позитивни вредности и тие треба да се прифаќаат. Но тоа не значи дека треба да заборавиме на традицијата, дека треба да престанеме да ги чуваме нашите специфичности. Мораме да го чуваме она што нас нѐ прави посебни, нашата култура, нашиот посебен јазик, фолклор… Да ги чуваме вредностите за кои се бореле нашите предци – ми одговара Ѓорѓи.

Пристигнуваме на врвот, каде што е сместен највисокиот ресторан во Сванети. На големата тераса на ресторанот голем број туристи уживаат во преубавиот ден и неповторливиот поглед. Иако денот е ведар, над Ушба се насобрале неколку мали облачиња, токму онолку колку да не можам да ја направам замислената фотографија.

Да се напиеме кафе, си велам, па веројатно за тоа време небото ќе се расчисти. Но и по час и половина седење и уживање во преубавата глетка, облаците сѐ уште стојат на истото место. Сфаќам дека, како што сонцето сѐ повеќе ќе се издига над хоризонтот, така и испарувањата од планината ќе бидат сѐ поголеми, а облачноста ќе се зголемува. Само некаков ветер може да ја смени ситуацијата, а ветер нема. Се договараме да се вратиме и да прошетаме низ Местија…

Местија, малата престолнина и административниот центар на Сванети, е гратче со околу 2.000 жители. За разлика од преостанатиот дел од Сванети, за Местија може да се каже дека е единствената урбанизирана населба тука. Иако на периферните делови од градот сѐ уште можат да се забележат остатоци од руралниот живот, Местија според сите карактеристики многу повеќе личи на планински туристички центар. Всушност, во последните десетина-петнаесет години тука доста се инвестирало во туризмот. Во околината постојат два современи скијачки центри, Зурулди и Тетнулди, а преубавите планини, како и гостопримството на локалното население, придонеле за брз развој на сите видови планински и селски туризам. Во периодите од годината кога нема снег, тука најатрактивни се трекинг-турите по патеките низ Кавказ, посетите на големиот број села, кои нудат можност да се почувствува магијата на традиционалниот живот, како и неповторливата можност да се посетат неколкуте глечери што ги допираат подножјата на импозантните кавкаски врвови. Врвот Ушба, сам по себе, е исклучителна атракција за љубителите на алпинизмот и се смета за еден од најтешките за искачување. Во самиот град има повеќе хотели, ресторани, продавници за планинарска и скијачка опрема, како и приватни сместувачки капацитети. Во Местија постои и минијатурен аеродром, на кој можат да слетуваат мали авиони, кои го поврзуваат ова убаво гратче со Тбилиси.

Додека шетаме по улиците, забележуваме туристи од сите страни на светот. Претежно млади луѓе. Многубројни комбиња, специјално направени за возење по беспаќе, постојано тргнуваат, или пак се враќаат од некоја од многубројните еднодневни тури. Кафулињата и рестораните се речиси полни. Се ближи време за ручек, а ние се обидуваме да одбереме место каде што ќе седнеме да јадеме. Во еден момент ѕвони телефонот на Диме.

– Дечки, Лаша е, што да му кажам ако не викне дома – не прашува Диме.
– Мене ми е непријатно, не се должни луѓето секој ден да нѐ гостат. Кажи му дека веќе сме седнале или смисли нешто, нема смисла пак да им се истовариме дома – му велам.
Звонко, со потврдно климање со главата, дава согласност на моите зборови.

– Здраво Лаша, еве сме тука, во Местија. Не, не, нема потреба, еве веќе сме во еден ресторан… – му објаснува Диме на Лаша преку телефон, по што речиси една минута само го држи телефонот покрај уво, без да каже збор. Го исклучува. – Дечки, менуваме план. Лаша рече дека ќе се навреди ако не отидеме…

Ручекот полека преминува во вечера. Разговараме со ист жар како и претходниот ден. Се редат и здравиците. По некое време ни се приклучува Виктор Џапаридзе, со еден свој пријател. Виктор е пратеник во грузиското собрание од владејачката партија Грузиски сон. Разговорот го вртиме кон политички теми. Повторно откриваме безброј сличности помеѓу нашите две земји. Виктор раскажува за Грузија, за нејзината економија, за политиката, за Михаил Саакашвили и неговите реформи, за војните во Абхазија и Северна Осетија… Остануваме до доцна вечерта. Преубава вечер со преубави луѓе…

Наредното утро Лаша нѐ буди во 6.30 ч.
– Ајде, Македонци, денеска имаме доста работа – ни кажува смеејќи се. Појадуваме и тргнуваме во поход. Крајна цел ни е селото Ушгули. Со неговата „тојота хајлукс“ се движиме по патиштата и беспаќата на Сванети. Лаша вози како и сите Грузијци, 100 на саат. Во еден момент го напушта асфалтираниот пат што води кон Ушгули и започнуваме искачување по еден стрмен земјен пат. За половина час сме на најгорната точка на скијачкиот центар Тетнулди, на 3.200 м н.в. Пред нас се отвора прекрасен поглед на речиси цело Сванети. Ми покажува со рака: „Еве ја Ушба“.

Сфаќам дека нѐ искачил дотука само поради тоа што претходниот ден не успеав да ги направам замислените фотографии. И додека јас ненаситно ја полнам мемориската картичка на мојот фотоапарат, Лаша вади од автомобилот вотка и неколку чаши. Наздравуваме.

– Од денеска ќе те викам мукхбе (брат на јазикот на Сваните) – ми вели, додавајќи ми една од чашите.

– Макфмер мукхбе (благодарам, брат) – му одговарам на неговиот јазик.
Во меѓувреме доаѓа едно комбе со неколкумина руски туристи. Лаша однекаде вади уште чаши, ги полни и им се обраќа.

– Ајде окупатори, да се напиеме по една вотка заедно – им кажува низ смеа, а тие со задоволство прифаќаат.

Полека тргнуваме надолу, кон Ушгули, кое е оддалечено од Местија околу 50 километри. Некаде на половина од растојанието помеѓу овие две населени места завршува асфалтот, поточно делот од патот изработен од армиран бетон. Тука забележуваме градежни работници, кои со своите машини поставуваат арматура, како подлога за бетонирање на преостанатиот дел од оваа делница. Дваесет и кусур километри возиме по исклучително лош и тесен пат, прооден само за теренски возила. Поминуваме низ неколку села, со прекрасна стара архитектура, во кои доминираат карактеристичните свански кули. Тука животот како да застанал некаде низ вековите во минатото. По патот се разминуваме со неколку од оние теренски комбиња полни со туристи. Едни одат, други се враќаат. Речиси по еден час возење пристигнуваме во Ушгули.

Ушгули е најоддалеченото село во Сванети. На јазикот на Сваните, Ушгули значи „зад грбот“. Се наоѓа во подножјето на највисокиот врв во Грузија, Шкхара, висок 5.193 метри. Самото село е на 2.200 м н.в. и официјално е највисокото постојано населено место во Европа.

Распослано е во долина опкружена со високи планини, а низ него тече реката Енгури, која се раѓа на само седум километри од Ушгули, во подножјето на Шкхара, со топење на еден огромен глечер. На најгорната точка од селото доминира црквата „Ламарија“ (така Сваните ја нарекуваат Богородица), изградена во 9 век.

Во селото нѐ пречекува Јура Чарквијани, роднина на Лаша, човек на возраст од приближно шеесетина години, кој е еден од влијателните жители на Ушгули и кој ужива углед и почит кај преостанатите соселани. Седнуваме во дворот на една локална кафеана во горниот дел од селото и започнуваме разговор.

– Како што гледате, Ушгули е историско место. Да се живее тука не е лесно. Низ историјата патот не бил вака широк, туку луѓето тука доаѓале пеш. Долги години во Тбилиси не знаеле што се случува во Сванети, ниту во Сванети знаеле што се случува во Тбилиси. Во Ушгули имало апсолутна слобода, каде што никој не можел да каже „ти прави го тоа или тоа“. Тука немало ниту полиција, а сите проблеми селаните ги решавале сами. Денес веќе не е така. Работите се сменија. Современиот живот постепено доаѓа и кај нас. Еве, гледате, во селото сега има многу туристи. Денес, за жал, нашите луѓе повеќе се радуваат кога на вратата ќе им тропнат туристи отколку роднини. Тоа никогаш не било така. И порано овде доаѓале луѓе од други краишта. Се сеќавам, уште кога бев дете, од Русија ни доаѓаа многу туристи. Подоцна и од другите делови на Источниот блок, од Источна Германија, Полска, Чехословачка… Но тогаш никој не правел туризам за пари, туку ги пречекувавме како гости. Денес сѐ е комерцијализирано.

Тука зимата трае седум месеци, а лето практично и нема. Луѓето во минатото тука сѐ сами си правеле. Морале макотрпно да работат за да опстанат во вакви сурови услови. Тоа ги направило да бидат силни и издржливи. Бидејќи немале многу контакт со остатокот од светот, тие сами си развивале своја голема култура и големо знаење. Денес во Ушгули живеат 75 семејства. Порано имаше 150 семејства и секоја година 150 деца одеа во училиштето. Кон крајот на 1986 и почетокот на 1987 година имаше голема лавина, во која загинаа многу луѓе. Таа година непрекинато врнеше снег цели 46 дена. Тука во селото имаше наврнато цели 12 метра снег. По таа несреќа голем број луѓе беа раселени во источна Грузија од страна на тогашните советски власти – ни објаснува Јура.

По ова, ние го прашавме колку векови е старо селото.
– За точното време на настанување на Ушгули нема сигурни податоци. Сигурно се знае дека тоа е некаде од 8 до 11 век, но според некои археолошки истражувања овде се живее уште од 4 или 5 век. Најстарите кули во овој дел од Сванети се оние во селото Чаџаши. Тоа е соседното село, кое го видовте од десната страна доаѓајќи наваму. На 300 метри оттука. Инаку, кулите меѓу другото се градени и како статусен симбол, како знак на моќ и на богатство, а не како што се зборува дека во нив само се криеле од непријателите. Непријатели тука отсекогаш имало и ќе ги има. И домашни и странски.

Всушност, отсекогаш најголем непријател била политиката, а не луѓето. Како што можете да видите, тука и денес доаѓаат Руси, и ние, едноставните луѓе, се почитуваме и сакаме. А политиката е друго. Ние сме пријатели и со Абхазите и со Осетите. Слични обичаи имаме, исти слави славиме. Но политиката го разруши сето тоа – ни раскажува.
Нѐ кани да ја посетиме неговата кула, уредена во автентичен стил и приспособена за во неа да можат да преспијат туристи. Додека седиме во амбиент создаден и зачуван од пред којзнае колку векови, пиеме од неговата домашна ракија, мезиме салата од див кромид, кој расте на околните ливади, и разговараме за животот и перспективите на село. Во еден момент тој и Лаша започнуваат да зборуваат нешто на нивниот јазик. Иако не разбирам ниту збор, чувствувам дека зборуваат за минатото, за предците, за сегашноста, можеби и за иднината. Говорот одеднаш им станува некако поинаков, чуден, звучи како молитва. Во еден момент кај двајцата забележувам солзи во очите. Овие двајца силни луѓе, способни да се справат со најголемите предизвици во животот и да опстанат во најсуровите услови што може да ги приреди природата, ја откриваат и својата друга страна. Онаа емотивна, чиста, искрена… Онаа страна на која ние од урбаниот и „цивилизиран“ свет, криејќи се зад маските што секојдневно ги ставаме на лицето, одамна сме заборавиле…

Времето низ разговор ни минува брзо. Бидејќи сакаме да се вратиме додека е ден, полека се подготвуваме да тргнеме назад кон Местија. Се поздравуваме со Јура, кој ни се заблагодарува што му бевме гости и што го посетивме неговиот дом.
– Ви благодарам за тоа што ни донесовте сонце. Одамна немам видено толку убав сончев ден – ни кажува на крајот.

Додека се возиме назад кон Местија размислувам за Ушгули, за селото што ме потсетува на некаков трезор во кој се чуваат најдобрите човечки вредности. Трезор скриен длабоко во подножјето на Шкхара, зад грбот на остатокот од светот. Размислувам за Јура, за сите овие убави луѓе, за нивната добрина, љубезност, чесност, искреност, едноставност… Размислувам за овој народ, кој низ вековите успевал да се одбрани од инвазиите на многубројните непријатели и да ја зачува својата уникатност. Ќе успеат ли и денес, пред напливот на цивилизацијата и на туристите, да ги зачуваат сите овие вредности? Ќе ја зачуваат ли својата специфичност, својот јазик, култура, обичаи…? Или иронијата на судбината ќе направи токму инвазијата на туристите, оние на кои Сваните ширум им ги отвораат вратите на своите домови и на своите срца, да предизвика овие луѓе да се стопат во бледилото на таканаречениот нов светски поредок.

Денот полека изминува. Лошиот дел од патот, полека но сигурно останува зад нас. Доаѓаме повторно до местото каде што се спојуваат асфалтираниот и неасфалтираниот дел. Работниците сѐ уште работат. Со полна пареа. Асфалтот ни се чини дека е уште поблиску до Ушгули. И цивилизацијата. И сето она што таа го носи…


Сванските кули – дел од светското културно наследство

Заштитен знак на Сванети се кулите наречени кошки, кои во најголем дел датираат од периодот помеѓу 9 и 11 век. Најстарите од нив се изградени во периодот помеѓу 8 и 9 век, а најновата е изградена во 18 век. Во минатото, покрај тоа што се користеле како семејни живеалишта, овие кули истовремено имале и функција на мали тврдини, кои на семејствата им нуделе заштита во времињата на инвазиите на големиот број непријатели. Бидејќи селата во овие нерамни предели се премногу расфрлани за да бидат опкружени со заштитен ѕид, секоја индивидуална куќа морала да биде посебно заштитена. Овие кули се високи во просек 20-25 метри и имаат четири или пет ката. Во приземјето, чии ѕидови се широки до 1,5 метар, обично нема врата и прозорци. Влезот обично е на ниво на горниот кат. Горниот дел на кулата е потесен од долниот, а ширината на ѕидовите исто така се намалува на 0,7-0,8 метри. Катовите меѓу себе се поврзани со дрвени скали. Горниот дел на кулата завршува во таканаречена круна, која има дрвен покрив. На секоја страна на кулата има отвори што служат за вентилација, но и за набљудување на околината. Кулите што се наоѓаат во околината на селото Ушгули денес се заштитени од УНЕСКО како дел од светското културно наследство.


Моќното полифонично пеење – препознатливо за сванскиот мелос

Во историјата и културата на Сваните посебно место зазема богатиот фолклор. Сваните се познати по своето моќно полифонично пеење, кое го одразува нивниот тежок живот низ историјата. Нивните народни песни се посветени на националните херои, на борбите против освојувачите, на верските празници, како и на познатите кралски семејства. Некои песни се толку стари што се создадени уште пред воведувањето на христијанството во Грузија. Слушањето на овие моќни песни, во амбиент во кој доминираат сванските кули и во опкружување на високите снежни планини, ја рефлектира силата на овој народ и дава чувство како да сте вратени со векови наназад во минатото. 

 

Крај.

Екипа на „Нова Македонија“ што ја реализира серијата репортажи од Грузија:
Дарко Андоновски, Димитар Васевски, Звонко Младеновски.