Необичен перформанс на пероните на автобуската станица

221

На автобуската станица „Руле турс“ се случи вистинска магија. Пероните 18, 19, 20 и 21 беа обоени од перформансот „Патување низ времето – ослободување“ на уметницата и скулпторка Соња Поповска-Трајковска

Уметницата и скулпторка Соња Поповска-Трајковска ја одбра меѓународната автобуска станица „Руле турс“ во Скопје за место каде што ќе се случи нејзиното „Патување низ времето – ослободување“, оригинален мултимиедијален перформанс што неодамна го релизира заедно со голем број учесници. Реакциите на присутните, кои и самите беа дел до оваа бајка, беа многу впечатливи.

– На автобуската станица „Руле турс“ се случи вистинска магија. Пероните 18, 19, 20 и 21 беа обоени од перформансот „Патување низ времето – ослободување“. Заеднички го почнавме патувањето со Наташа, Емил, Вера, Лидија, Драган, Жаклина, Жарко, група „Полихимна Риана“, Верица, Николина, Маре, Ирена, Розе, Игор, Виолета, Јаков… Имав потреба да ја пренесам мојата филозофија за животот, да ја живеам уметноста, да имам медиум преку кој раскажувам. Минуваме низ животот, но дали живееме, доживуваме, дали забележуваме, дали љубиме? Лично јас минувам низ живот, доживувам, давам и сакам да ја забележувам таа сила на љубовта. Патувам и минувам низ животот со желба тешкото да го играм лесно, надеж со желба ѕверот да стане кротко јагне, Пенелопа да ткае, а не да расткајува. Сизифовски упорно туркам со силата на љубовта и желбата. Патувам низ секојдневието да го забележам незабележаното, скриеното, сакам да го разоткријам, стравот да го надминам, постојано да се ослободувам и безвременски да споделам – вели авторката на проектот за мотивот што го следела подготвувајќи го овој несекојдневен перформанс.

Нејзините идеи, освен преку големите силуети распоредени во просторот, таа ги реализира заедно со актерите: Жаклина Петровска, Жарко Димовски, видеоартистот Артериа Емилпетро, поетесата Вера Симовска, балерината Ирена Лозинска, која е и проект-менаџерка, квартетот „Полихимна“, пантомимичарот Драган Георгиевски, пејачката Лидија Шопова, костимографката Роза Трајчевска-Ристовска, сценографот Игор, а режисерка беше Наташа Поплавска.

За ова уникатно остварување на Соња Трајковска, која е академски дипломирана скулпторка, говореше и поетесата Вера Симовска.

Во својата рецензија „Патување, ослободување, љубење“ таа вели дека секој на посебен начин како да ја надминува својата материјална плот и како да отскокнува од овоземското самочувствие рамно на најблиската стварност за да доживее нешто повеќе од чувство, нешто што го издига повисоко од чувствителното рамниште.

– Тоа е посебно живеење на слободата. Патувањето бездруго е ослободување од она што не ни треба, а потрага по она што ни е потребно. Oнаа сила што нѐ гони напред може да се нарече само со едно име, а тоа е љубовта. Слободен човек може да биде само човек фатен во „канџите“ на љубовта. Љубовта е силата што го спасува од неговата бесмисла и пропаѓање – рече Симовска.