Неколкуилјадна публика за елитата на светската електронска сцена

240

И оваа година забавата во Охрид поминува во знакот на концертите и забавните содржини што ги нуди фестивалот „Охрид колинг“, чиј организатор „Авалон“ и овој пат донесе познати музички ѕвезди и звучни имиња од светската електронска сцена. Првите два од трите закажани концерти на фестивалот забележаа огромна посетеност, како што велат оттаму, рекордна публика од над 10 илјади посетители и преполн стадион „Билјанини извори“. Одлична забава приредија светски познатите диџеи Димитри Вегас и Лајк Мајк на 1 август, кои неколкупати ја поздравија Македонија и ветија нови дружења, а завчеравечер публиката уживаше во настапот на Роџер Санчез. За вечерва е најавен концертот на Армин ван Бурен.

– Кога се во прашање забавата и спектаклот, настапот на Димитри Вегас и Лајк Мајк беше врв на сѐ досега видено во Македонија. Луда журка имаше и на настапот на Санчез – коментираат редовни проследувачи на овој фестивал.
На разочарување на публиката, само 24 часа пред својот настап во Охрид, агентот на Џекс Џонс го откажа концертот, а организаторот реагираше на ваквата несериозност од неговиот менаџмент и како замена го донесе диџејот Салваторе Ганачи.

Фестивалот е веќе препознатлив во светот, привлекува многу посетители и туристи од целиот свет. Артистите за трите фестивалски вечери се атрактивни имиња, кои приредија не само одличен настап туку и импресивно лајтшоу, многу ласерски визуализации, пиротехника и огномет.