Нега и убавина – Според типот на кожата одберете ги природните масла

110

Природните масла претставуваат маснотии што се добиваат со студено пресување на плодовите, семките или некој друг дел на билката. Можат да се користат во комбинација со други состојки, но и самостојно. Базни се, па, така, претставуваат основа за многу природни препарати за нега на кожата, косата, усните, пред сѐ кога станува збор за природна козметика. Се користат така што доволно е да се стават само неколку капки масло, а доколку има вишок, може да се отстрани со книжно марамче.

Искуствата покажуваат дека оние што еднаш ќе ги пробаат природните масла, не им се враќаат на кремите што дотогаш ги користеле. Причината е во нивното дејство – кожата е здрава, сјајна, хидрирана и подмладена. Но како да се избере соодветното масло?

За да знаете кое масло ви е најпотребно, важно е да го знаете типот на кожата, така ќе си обезбедите вистинска нега. На пример, за мрсна кожа се препорачува масло од лешник, од јојоба и од арган. Маслото до лешник придонесува за хидратација, намалување на порите и ги смирува акните, а овозможува и УВ-заштита. Маслото од јојоба ја влажни кожата и ја прави еластична. Се користи во комбинација со други масла, во сооднос 30:70 проценти. Маслото од арган е идеално за мрсна кожа, бидејќи е богато со витамин Е и на кожата ѝ дава здрав сјај. На сувата кожа најмногу ѝ одговара масло од авокадо и од сладок бадем, кое ја смирува кожата склона на иритации. По употребата таа станува мека и затегната. Исто така штити од УВ-зрачење. Маслото од авокадо е богато со витамините: А, Д и Е и содржи калиум. Влијае на отстранувањето дамки и лузни од кожата. Корисно е против лупење на кожата, го спречува исушувањето и подмладува.