Нега и убавина – Протеинска храна за раст на косата

186

Според зборовите на нутриционистката Ро Хунтрис, постои широк спектар на природни намирници што содржат одредени витамини и минерали што влијаат на растот на косата. Магазинот „Хелоу“ издвои десетина, па затоа, секогаш кога можете, на своето мени вклучете некои од нив или комбинирајте неколку артикли од списокот подолу.

Пилешкото содржи многу протеини, кои се важни за растењето на косата. Исто така и јајцата се богати со протеини, но содржат и биотин, кој исто така ја јакне косата и го поттикнува растењето. Сардините се богати со омега 3 масни киселини и имаат антивоспалително дејство на нашиот организам, па и на косата. Спанаќот е полн со многу значајни елементи, како фолна киселина, железо, витамини А и Ц, кои го поттикнуваат растењето на косата. Жолтата бабура содржи големо количество витамин Ц, кој се користи за формирање колаген, а морковот ѝ помага на вашата коса да биде поздрава.

Корисни за квалитетна коса се и: лососот, кој содржи протеини, витамин Д, омега 3 масни киселини; сончогледовото семе, кое е одличен извор на витамин Е, познат како одличен антиоксидант; портокалот, кој е полн со витамини Ц, А и со антиоксиданти; слаткиот компир, кој содржи бета-каротин, што по консумацијата се претвора во витамин А, кој ѝ помага на косата да остане здрава.