Најубави новогодишни и божиќни филмови

192

Кога ќе помислиме на претстојните празнични денови, пред себе гледаме дневна соба во која светка накитена елка, топло какао или чај, пуканки, топло ќебе и маратон од новогодишни филмови, додека надвор врне снег. Бидејќи Нова година е сѐ поблиску, за вас ги издвоивме најдобрите новогодишни филмови, со кои ќе можете да си ги направите претстојните празнични денови уште поубави.

„Сам дома“

Филмот „Сам дома“ стана симбол на Нова година. Никогаш досега не се случило некоја од телевизиите да не го емитува овој филм за време на новогодишните празници. Главен јунак е момчето Кевин, кого родителите, за време на подготовките за прослава на Нова година во Париз, случајно го забораваат дома. Кога ќе сфати дека е сам, Кевин на сите начини се обидува да се одбрани од провалниците Хари и Марв, кои сакаат да ја ограбат неговата, но и други куќи во оваа населба. Тогаш почнува вистинската авантура, бидејќи Кевин е многу интелигентен, па крадците тешко излегуваат накрај со него. За тоа време неговата мајка Кејт се обидува на сите начини да се врати назад и повторно да го види својот син. Иако поминаа многу години од снимањето на филмот, тој секогаш предизвикува насмевки кај гледачите. Доколку ви се допадне првиот, погледнете ги и другите делови.

„Бегство од Шошенк“

Ова е еден од најдобрите филмови на сите времиња, а снимен е пред 25 години. Многумина го сметаат за вистински новогодишен филм, кој барем еднаш годишно морате да го погледнете. Приказната се врти околу Енди Дуфрејн, повлечен банкар, кој е осуден за убиство на својата жена и нејзиниот љубовник, иако цело време тврди дека не е виновен. Во текот на издржувањето на казната тој стекнува неколку пријатели, но истовремено се запознава и со тажната страна на престојот во затвор. Сепак, цело време се надева дека ќе му се врати на својот стар живот. Тој ги користи своите банкарски способности за да изгради добри односи со управникот и со чуварите, а за возврат му е дадена можност да ја уреди и да ја подобри затворската библиотека.

„Како Гринч го украде Божиќ“

Многумина овој филм го сметаат за детски, но еднакво го сакаат и возрасните, особено во текот на новогодишните и божиќните празници. Станува збор за малото, влакнесто суштество Гринч, кое жителите на гратчето Ху го отфрлиле додека било мало, бидејќи било многу лошо и грдо. Потоа Гринч отишол да живее во пештера и почнал да ги мрази луѓето, особено за време на Божиќ. Еден ден Гринч ја запознава Синди Лу, наивно и добродушно девојче, на кое случајно му го спасува животот. Во знак на благодарност таа го кани на Бадник во градот, иако знае дека тој не припаѓа таму. Овој филм се појави пред дваесетина години, а оваа година излезе и нова филмска верзија за ова чудно, мало суштество, па можете да изберете дали ќе го гледате новиот или стариот филм.

„Хари Потер“

Иако има 8 дела, а првиот е снимен дамнешната 2001 година, планетарната популарност на серијалот за Хари Потер и натаму расте. Речиси не постои личност на светот што не слушнала за малиот волшебник. Токму поради тоа слободно можеме да ги уфрлиме сите негови делови во нашата листа. Приказната за необичното момче почнува кога пред неговиот 11-ти роденден ќе добие писмо од „Хогвортс“, училиште за магија и волшебништво. Уште додека бил бебе, ги убиле неговите родители, а џинот Рубеус Хагрид го оставил на прагот на неговиот тетин. Цели 11 години неговите студени роднини ги криеле писмата што постојано стигнувале за него, но на крајот сѐ излегло на виделина. Сепак, Хари не е свесен во колку авантури ќе биде замешан кога ќе тргне во ова престижно училиште.

„Поларен експрес“

Една од најубавите новогодишни приказни за едно недоверливо дете и за сите оние скептици што сметаат дека Дедо Мраз не постои. Овој новогодишен филм ја раскажува приказната на Бадник, кога едно момче во пубертет почнува да се сомнева во постоењето на белобрадиот дедо. Иако семејството го убедува дека тој навистина постои, тој не верува, особено поради тоа што му изгледа нелогично тоа што подароците за сите деца можат да се соберат во една вреќа. А се сомнева и во фактот дека целиот свет може да се заобиколи за една ноќ. Пет минути пред полноќ пред неговата куќа запира стар воз, а кондуктерот го вика со другите деца да тргне на пат до Северниот Пол, каде што ќе го запознаат вистинскиот Дедо Мраз. Тогаш почнува вистинската авантура…