Најстариот материјал на Земјата пронајден во метеорит

168
Тимот истражувачи од САД и Швајцарија пронајдоа зрна од прашина во метеоритот Марчисон

Научниците го открија најстариот познат цврст материјал на Земјата во метеоритот што падна во Австралија во 1960-тите години. Малите ситни честички од ѕвездена прашина се постари од сонцето повеќе од три милијарди години.
Тимот истражувачи од САД и Швајцарија пронајдоа зрна од прашина во метеоритот Марчисон, кој падна на Земјата во 1969 година, а кои се стари дури 7,5 милијарди години, соопшти „Би-би-си њуз“.

– Ова е највозбудливото истражување на кое сум работел. Овој најстар цврст материјал што е пронајден ни кажува многу за тоа како се создадени ѕвездите во нашата галаксија – вели професорот Филип Хек од Универзитетот во Чикаго.
Иако не е непознат фактот дека метеоритите содржат зрна материјал што се постари од Сончевиот систем и кои се нарекуваат пресоларни зрна, тие се ретки и тешко се идентификуваат, бидејќи парчињата материјал се многу мали и се наоѓаат длабоко во карпите.