Најсмртоносните атентатори во историјата

1157

Пред да се случи Првата крстоносна војна, на Блискиот Исток се појавува една нова секта оформена од исламскиот мисионер со шиитско потекло Хасан и Сабах. Тој верувал во каузата на низари исмаилите, кои верувале во „скриениот имам“ – духовниот наследник на пророкот Мухамед. Хасан формирал ред на елитно тренирани војници наречени „фидаи“, кои имале статус на „асасиун“ или „луѓе на принципот“ – заштитници.

Срцето и упориштето на овој смртоносен ред се наоѓало во Аламут, во северен Иран. Подоцна под нивна власт потпаднале и други тврдини во Иран, како и Ирак и Сирија. Асасините биле тренирани во обичаите на другите религии, знаеле и зборувале многу јазици, биле експерти за инфилтрација и одлични глумци кога станувало збор за извршувањето на убиствата во нивните мисии. Поради нивната прочуеност и способност да убијат кого било по наредба на „старецот од планината“, голем број владетели, везири и султани постојано носеле слоеви со оклопи за време на секојдневниот живот.

Агентите на Хасан биле способни да поминат неколку месеци, па дури и години за да дојдат до внатрешниот круг на нивната жртва. Тие вешто се служеле со психолошкото војување и создавањето страв, благодарение на нивната инфилтрација. Тие претпочитале да ги убиваат своите жртви на сред бел ден и во присуство на многу луѓе, најчесто и самите давајќи го животот за мисијата. Тероризмот како начин на војување прв им се припишува ним. Оттаму потекнува и англискиот корен на зборот „асасин“ или убиец во кој било контекст. Друго верување, главно популаризирано од страна на авантуристот Марко Поло, е дека тие пред да бидат пратени на нивните мисии пушеле хашиш. Сепак, има мал дел вистина во овие митови, бидејќи Хасан ги дрогирал фидаите. Тие се буделе во градина во која биле опкружени со убави девојки, со неодолива храна и егзотични животни. По одреден период, тие повторно биле дрогирани и вратени во тврдината. Тука Хасан ги заробувал нивните срца и бескрајна лојалност, тврдејќи дека тој го поседува клучот од рајот, а тие треба да му бидат покорни и да ја исполнат без прашање секоја негова наредба.

За време на опсада на тврдината Масиаф во Сирија од страна на Саладин, тој во два наврата речиси го изгубил животот. Тој една ноќ се разбудил со бодеж забиен во перницата на која спиел. За време на втората опсада, било откриено дека неговите најлојални телохранители, кои тој ги сакал како сопствени синови, биле, всушност, инфилтрирани фидаи на Рашид ад Ин Синан, тамошниот „старец од планината“.

Саладин бил принуден да ги прекине опсадите и да склучи сојузништво со асасините.
Друга легенда од Масиаф зборува за посветеноста на фидаите. Додека Синан и некој везир дискутирале за лојалноста на неговите приврзаници, наредил на еден од фидаите, кои се наоѓале на врв на кула, да „оди кај бога“. На наредбата, момчето се фрлило од врвот на кулата и се здробило на карпите во подножјето на ѕидините. Откако везирот чул дека Синан има илјадници лојални следбеници на располагање, веднаш склучил пријателство со асасините и им исплатил огромна сума злато.
Нивното кратко владеење од 1090 до 1275 година на тие простори било прекинато од страна на Монголците, чии орди на челото на ханот Хулагу навлегле во освојувачки поход на Блискиот Исток и ставиле крај на исмаилите на Хасан.