Најпознатите политички филмови по вистински настани

149

Политичките филмови ни нудат поглед во заднината на настаните, клучните
фигури, игрите за моќ и во сложените ситуации што се одвиваат зад сцената

Секој политички скандал одбележува по еден период во историјата и сосема сигурно остава свој белег, без оглед дали е во општеството, економијата, културата и/или други аспекти. Токму политичките интриги или животите на истакнати политичари честопати се инспирација за многу наградувани филмови што секогаш сакаме да ги гледаме. Политичките филмови ни нудат поглед во заднината на настаните, клучните фигури, игрите за моќ и во сложените ситуации што се одвиваат зад сцената. Ви предлагаме некои од најпознатите напнати политички филмови што мора да ги погледнете.

„Сите луѓе на претседателот“
Листата не може да започне или да заврши без овој наслов – „Сите луѓе на претседателот“. Филмот е еден од најпознатите политички филмови снимени по вистински настани. Датира од 1976 година. Улогите ги толкуваат Лиза Минели, Џејн Фонда, Роберт Редфорд, Дастин Хофман и други. Филмот ја отсликува аферата „Вотергејт“, која се провлекуваше во американските политички елити и кругови во 1970-тите. Двајца репортери на „Вашингтон пост“ ја надушкаа и ја открија една од најважните политички тајни во администрацијата на претседателот Ричард Никсон, што предизвика и негов пад. Администрацијата на претседателот нелегално ги прислушувала демократите и кога скандалот избувна на површината, тој морал да даде оставка.

„Мост на шпиони“
Филмовите со потпис на Стивен Спилберг секогаш привлекуваат внимание, особено кога се занимаваат со политичка интрига. Токму таков е „Мост на шпиони“ во кој главната улога ја имаше за многумина омилениот Том Хенкс. Хенкс го отелотвори Џејмс Донован, адвокат што одеднаш мора да го сноси, можеби, најголемиот политички товар на САД. Неговиот живот целосно се менува кога ЦИА го ангажира да влезе во клучни политички преговори со Русите.

„Говорот на кралот“
Колин Фирт е главниот јунак во драмата „Говорот на кралот“, која освои дури четири „оскари“, меѓу кои статуетка за најдобар филм, режија и машка улога. Вистинската приказна се одвива во Лондон во 1930-тите и го следи војводата од Јорк, принцот Алберт. Алберт се борел со пелтечење уште од детството, што му отежнувало при држењето јавни говори и при говорите во друштво. За да му помогне, неговата сопруга, олицетворена од фантастичната Хелена Бохам Картер, се обидува да му најде логопед. Сепак, иако Алберт почнува да ја надминува причината за неговиот проблем, општеството се сомнева дали со неговиот недостаток тој воопшто може да стане крал.

„Милк“
За многумина, најдобрата филмска улога на Шон Пен беше токму во филмот „Милк“. Биографијата го прикажува животот на геј-активистот Харви Милк, меѓу првите отворени хомосексуалци што влегоа во политички кругови и трки. Филмот ги следи неговото пристигнување во Њујорк во 1972 година, кандидатурата за градска власт и противниците и водачите на конзервативците. Филмот привлече огромно внимание од публиката и критиката, освои осум номинации за „оскар“, а Шон Пен ја доби наградата за најдобра машка улога.

„Примарни бои“
„Примарни бои“ е една од најпопуларните политички драми воопшто. Станува збор за вистинска сатира што го следи кандидатот за претседател Џек Стантон, кој е олицетворен од Џон Траволта и неговата политичка кампања. Иако филмот не е официјално прогласен дека е базиран на вистински настани и луѓе, сосема е јасно дека станува збор за Бил Клинтон, неговата прва кампања и „валканите алишта“ што му се закануваат на неговата политичка кариера. Заедно со Траволта играа и Ема Томпсон, Кети Бејтс, Били Боб Торнтон и други.

„Војната на Чарли Вилсон“
Уште една политичка драма со Том Хенкс во главната улога, овој пат дополнета со Јулија Робертс. Филмот е потпишан од Арон Соркин. Заплетот ги следи конгресменот Чарли Вилсон и агентот на ЦИА, Густо Авракотис, кои се заслужни за операцијата „Циклон“. Тајната операција всушност е помош и наоружување на Авганистан во Авганистанско-советската војна.

„Судењето на седумтемина од Чикаго“
„Судењето на седумтемина од Чикаго“ брзо стана еден од најочекуваните филмови за 2020 година. Година во која ни беа скратени многу напнати филмски наслови среде пандемија. Заплетот на филмот се одвива во САД во 60-тите години на минатиот век обележани со Виетнамската војна, движења за човекови права, антивоени протести и политички шокови. Во таква атмосфера го следиме судењето на седум или осум лица што припаѓаат на разни левичарски организации.