Најдобрите хорор-филмови на Нетфликс

270

Платформата Нетфликс нуди широк спектар филмски и сериски жанрови, па би се рекло дека многу лесно задоволува различни вкусови, правејќи популарни и не толку популарни, класици и нови наслови лесно достапни за љубителите на филмот. На оние на кои не им се чека до Ноќта на вештерките за да уживаат во добар хорор-филм и би сакале да погледнат нешто застрашувачко викендов, Нетфликс им нуди одлична палета на хорори. Ова е листа од седум одлични филмови за обожавателите на хоророт:

1. „Домаќинот“ (2006)
Јужнокорејскиот хорор-трилер, политичка сатира и комедија за дисфункционална фамилија во режија на Бонг Џун-хо, е филм инспириран од вистински инцидент од 2000 година, кога американски гробар што работел на Јонгсан, американската воена база во Сеул, му наредил на својот помошник да истури 120 литри формалдехид низ одводот на нивната мртовечница. Оваа случка, како и реалниот случај на уловена мутирана риба, е коренот на инспирацијата на овој филм, кој прикажува како се појавува чудовиште од длабочините на реката Хан и киднапира мало девојче чија фамилија потоа прави сѐ за да го врати назад. Семејството Парк е дисфункционално и растурено, секој од членовите се наоѓа длабоко до колена во своите проблеми, но оваа страшна случка успева да ги зближи.

2. „Молчи“ (2016)
За љубителите на класични „слешери“, како „Врисок“, овој филм би претставувал вистинско задоволство, затоа што ги има сите добропознати крвави елементи и уште нешто плус. Режисерот Мајк Фланаган решава да постави глувонема писателка како протагонист, во чиј дом се прикрадува маскиран убиец со цел арсенал оружја. Она што го прави овој филм подобар од другите од овој поджанр е одличната глума на Кејт Сигел, нејзиното успешно пренесување на нејзиниот страв и паника како личност што не може ниту да слушне ниту да викне помош и ефикасно искористените 82 минути.

3. „Уништување“ (2018)
Научнофантастичниот хорор на Алекс Гарланд, чија хероина ја игра Натали Портман, е пример за тоа како еден режисер може да направи бесмисленоста да функционира совршено. Ова е приказна за биологот Лена, која се приклучува на тајна и опасна експедиција во мистериозна зона на планетата Земја, каде што природните закони воопшто не важат. Ова е филм што, освен што прикажува силни жени научници, многу јасно покажува колку убавината може да крие смртна опасност.


4. „Коцка“ (1997)
Овој канадски научнофантастичен хорор-филм на Винченцо Натали е филм што ги истражува човековата природа и човековите инстинктивни пориви за опстанок наспроти хуманитарноста. Овој филм е толку едноставен, но толку вознемирувачки, и тоа не толку поради самата содржина, група луѓе што против своја волја се ставени во лавиринт низ чии патеки се поставени безброј смртоносни стапици, туку поради мислите што успева да ги всади во главите на публиката.

5. „Тоа“ (2017)
Веќе се најавува „Глава 2“ од овој натприроден хорор-филм базиран на романот од Стивен Кинг од 1986 година, па оние што се подготвуваат да го гледаат во кино препорачливо е прво да ја погледнат „Глава 1“. Оваа верзија на „Тоа“, во режија на Енди Мускети, е мрачен, но одличен приказ на приказната за седум деца што се тероризирани од космичко зло, кое ја менува формата, претворајќи се во она што најмногу ги плаши, иако во најголем дел од времето „Тоа“ зазема форма на кловнот Пенивајз.

6. „Ритуалот“ (2017)
Овој натприроден хорор-филм, во режија на Дејвид Брукнер, е адаптација на истоимениот роман на Адам Невил од 2011 година. Овој филм прикажува група мажи што се обидуваат да го одржат своето пријателство и заедно одат да ги истражуваат шведските шуми во чест на нивниот починат пријател. Но еден од нив е внатрешно измачуван од огромна грижа на совест затоа што бил сведок на убиството на нивниот пријател, но не сторил ништо во врска со тоа. Овој проблем почнува да го отежнува целото патешествие, но е тема што е свесно игнорирана од целото друштво. Нештата стануваат уште поужасни кога невидлива сила од темните шуми почнува да ги убива сите, еден по еден. „Ритуалот“ има одлични ликови, чии карактери речиси совршено се развиваат заедно со дејството на филмот.

7. „Мајка!“ (2017)
Публиката е драстично поделена во врска со ова дело на Аронофски. Едната половина го доживува овој филм како „претенциозен хаос“, додека пак другата како ремек-дело. Тоа е веќе одличен повод да се погледне, а заклучокот останува индивидуален. Едно е сигурно, „Мајка!“ е филм што многу бргу прераснува во хаос од симболи, но на крајот е сосема јасно дека станува збор за најстарата и најпозната приказна во светот. Овој филм е склоп на филозофија, теологија и социологија и одлична камера. Како и за сѐ друго во овој филм, публиката исто така е поделена во врска со глумата на Џенифер Лоренс, Хавиер Бардем, Ед Харис и Мишел Фајфер, а „Мајка!“ останува да постои како еден од најконтроверзните филмови во последно време, кој предизвикува размислување и разговори.