Најголемите филмски губитници во последните 15 години

858
„Сахара“

Филмските студија сонуваат за блокбастери, филмови што ќе им донесат огромна заработувачка и ќе ги оправдаат целиот труд и парите вложени во овие проекти. Сепак, како непишано правило, по секој филмски хит се појавува и негова спротивност – разочарување.

Порталот „Лупер“ состави листа од најголемите филмски губитници во последните 15 години, а на првите пет места се:

1. „Синбад“, филм снимен во 2003 г., во кој на големиот екран е пренесена легендата за морепловецот што патувал по седум мориња. Наспроти одличната актерска екипа (Бред Пит, Кетрин Зета Џоунс, Мишел Фајфер…) и огромниот маркетиншки напор, филмот на киноблагајните доживеа вистинско фијаско. Проценетата загуба е 125 милиони долари.

2. „Аламо“ од 2004 г. Во овој филм сѐ е погрешно, почнувајќи од сечењето на буџетот до промената на актерската екипа. Популарниот сајт за филмски рецензии „Ротен томатос“ му додели бедни 29 проценти на секое скалило. Филмот оствари загуба од 120 милиони долари.

„Аламо“

3. „Сахара“ е снимен во 2005 г. Дури ни учеството на славниот холивудски глумец Метју Меконахи не можеше да го спаси од пропаст ова остварување. Буџетот излезе од контрола, а за крахот придонесе и тужбата на писателот Клајв Каслер, што се развлече цели 8 години. Загубата изнесува 105 милиони долари.

4. „Посејдон“ од 2006 г. Заедничките напори на славниот глумец Курт Расел и на режисерот Волфганг Питерсен не беа доволни да го спасат овој филм од пропаст, наспроти одобрениот буџет од 160 милиони долари. Цената на маркетиншките трикови на меѓународно ниво однесе најмногу пари. Проценета е загуба од 70 милиони долари.

„Посејдон“

5. „Еван Олмајти“ од 2007 г. Дури ни господ не можеше да го спаси ова лошо конципирано продолжение на филмот „Брус Олмајти“, пишува магазинот „Њузер“. Лошо планираните трошоци, како и фактот дека Стив Карел не бил толку исплатлив протагонист како Џим Кери во првобитниот филм, донесоа слаби резултати. Загубата изнесуваше 90 милиони долари.

„Еван Олмајти“

Преостанатиот дел од листата изгледа вака: „Тркач“ од 2008 г. со загуба од 100 милиони долари, „Загубена земја“ од 2009 г. – 65 милиони долари, „Од каде знаеш“ од 2010 г. – 105 милиони долари, „На Марс му се потребни мајки“ од 2011 г. – 130 милиони долари, „Џон Картер“ од 2012 г. – 200 милиони долари, „Осамениот ренџер“ од 2013 г. – 190 милиони долари, „Легендата од Оз – Враќањето на Дороти“ од 2014 г. – 66 милиони долари, „Земја на иднината“ од 2015 г. – 140 милиони долари, „Бен Хур“ од 2016 г. – 120 милиони долари и „Ноќен живот“ од 2017 година, кој оствари загуба од 75 милиони долари.