Најголемата статуа можеби ќе никне во Мумбај

439

За реализација на овој проект се одобрени над 500 милиони долари

Плановите во Индија, односно во Мумбај да се изгради најголемата статуа во светот во вода наидоа на голем револт и бунт од страна на милиони жители во Индија, кои се борат со сиромаштија. „Шив Смарак“ или „Чхатрапати Шиваџи махараџа“ е споменик што е во изградба во чест на индискиот национален херој Шиваџи, кој бил воен крал во 17 век, како и основач на империјата Марата.

Статуата треба да биде сместена на изграден остров во Арапско Море, покрај брегот на Мумбај, во индиската држава Махараштра.
Статуата е предвидено да биде висока 210 метри и ќе биде поставена да гледа кон брегот на Мумбај. Откако ќе се изгради, ќе биде највисоката статуа на светот.
Проектната област опфаќа повеќе од 16 хектари. Предвидено е на овој простор да се изградат и театар, места за храна и библиотека. Целосниот проект е замислено да се заврши во 2021 година.

Лидерот на Индиската народна партија (БЈП), Нарендра Моди, официјално го објави почетокот на изградбата на најголемата статуа во светот во декември, 2016 година. За реализација на овој проект се одобрени над 500 милиони долари.
Статуата на слободата е висока 93 метри. Сегашната највисока статуа во светот, „Лечжун Сасачжа буда“, се наоѓа во Мјанмар, е 115,8 метри висока. Другите две највисоки статуи исто така му се посветени на буда. Буда од Пролетниот храм во Кина, која е 108,45 метри, додека Усику Дајбуцу во Јапонија е висока 100 метри.

Илјадници Индијци го изразиле своето незадоволство од статуата и посочиле дека Владата, наместо на статуи, треба да се посвети на намалување на сиромаштијата.
– Шиваџи не би го сакал ова и сигурен сум дека може да се најдат други начини да му се оддаде чест. Освен трошењето пари, оваа статуа ќе биде ужасна за животната средина, за сообраќајот во јужен Мумбај и кошмар за безбедноста – изјавуваат револтираните граѓани.

Исто така против овој проект се многу еколошки друштва и рибари, кои сметаат дека со овој потег ќе се наруши еко-системот на крајбрежјето, ќе се намали бројот на рибите и ќе се предизвика голема штета за животната средина.