Нацистите користеле дрога за да го покорат светот

365

Бестселерот „Тотален занес“ на Норман Олер открива

Во бестселерот „Тотален занес“, авторот Норман Олер ја изнесува тезата дека многумина во нацистичкиот режим редовно користеле дрога, од војниците на „Вермахтот“ до самиот Адолф Хитлер. Преовладувала употребата на метамфетаминот попознат како „кристален мет“, кој се давал во вид на таблети („первинтин“) и им бил дистрибуиран на трупите на „Вермахтот“ пред успешната инвазија на Франција во 1940 година.
Развиен од страна на фармацевтската компанија „Темлер“, со седиште во Берлин, „первинтин“ е претставен во 1938 година и окарактеризиран како магично апче против стареење и депресија. Буквално бил достапен преку тезга. Воениот доктор Ото Ранке експериментирал со оваа дрога на 90 пациенти и, врз основа на резултатите, заклучил дека ќе ѝ помогне на Германија да ја добие војната. Со користењето „первинтин“, германските војници можеле со денови да останат будни и да маршираат со километри без одмор.

Таканаречената „стимулативна одредба“ во април 1940 година испратила над 35 милиони таблети „первинтин“ и „изофан“ (незначително модифицирана верзија што ја развила фармацевтската компанија „Нол“) на линијата на фронтот, каде што биле користени за време на нацистичката инвазија на Франција. Треба да се напомене дека Германците не биле осамени во употребата на психоактивни супстанции во текот на Втората светска војна. И сојузничките војници биле познати по употребата на амфетамини во борбата против заморот.
Кога станува збор за нацистичките лидери, истражувањето на Олер сугерира дека сите имале пристап до консумација на дрога.
– Не го земале сите секој вид дрога, ниту во исти количества, некои користеле метамфетамини, како Ернст Удет, шефот на воздухопловството и на снабдувањето. Други биле на силни анестетици, како Геринг, чиј прекар бил Моринг, од морфиум – тврди Олер во својата книга.