Научници развија вештачко око со подобри перформанси од човечкото

200

Научници развија вештачко око што може да го имитира човечкото и да обезбеди подобри перформанси. Вештачкото око има структура слична на човечкото око, чувствителна на светлина, но има побрза реакција. Исто така, овој електронски уред има потенцијал за поостар вид во однос на човечкото око, пишува „Сајенс њуз“.
– Во иднина би можеме да го користиме за подобри визуелни протези и хуманоидна роботика – вели инженерот и научник Жијонг Фан од Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг.

Човечкото око има широко видно поле и вид со висока резолуција благодарение на мрежницата во облик на купола, која е област во задниот дел на очното јаболко, покриена со клетки осетливи на светлина. Фан и неговите колеги користеле закривена мембрана од алуминиум оксид, опремена со сензори изработени од материјал чувствителен на светлина, наречен перовскит, за да ја имитираат таа структура во нивното синтетичко очно јаболко. Жиците поврзани со вештачката мрежница испраќаат читања на сензорите за обработка, исто како што прават и нервните влакна што пренесуваат сигнали од вистинското јаболко до мозокот.

Вештачкото око ги регистрира промените во осветленоста побрзо од човечкото око, за приближно 30-40 милисекунди во однос на 40-150 милисекунди. Уредот може да ја намали светлината како и човечкото око, но неговото видно поле изнесува 100 степени во споредба со 150 степени во случајот со човечкото око. Сепак, тоа е подобро во однос на обичните рамни сензори со видно поле од 70 степени.

Во теорија, синтетичкото око е способно за многу поголема резолуција од човечкото, бидејќи вештачката мрежница содржи околу 460 милиони светлосни сензори на квадратен сантиметар, додека тој број во случај на вистинска мрежница е околу 10 милиони. Се разбира, потребна е поголема работа за да се усоврши уредот.